Шпанија е нов лидер во групата 2 во Лигата А од Лигата на нации, откако вечерва оствари втора победа во период од три дена, а истовремено профитираше од неочекуваниот кикс на Португалија.

„Фуријата“ го стартуваше јунскиот циклус со две реми средби, но сега стигна до втора победа бидејќи ја совлада Чешка на домашен терен со 2:0.

Рутинскиот триумф беше остварен со голови на Карлос Солер и Пабло Сарабија, што направи Шпанија со осум бодови да биде на врвот по комплетирање на јунскиот циклус.

Португалија во првата пресметка ја декласираше Швајцарија со 4:0, но вечерва во Женева едноставно немаше решение за расположениот чувар на мрежата.

Сеферовиќ го постигна голот за победа уште во 55-та секунда, но херој беше голманот Јонас Омлин кој режираше неколку страшни интервенции за да го одбрани својот гол.