Денеска кога популарниот и харизматичен пејач Влатко Илиевски требаше да наполни 37 години, постхумно беше промовиран албум од необјавени песни „Последно танго“.

Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
На промоцијата можеа да се слушнат новите и дел од старите песни на Влатко во изведба на Ристо Самарџиев кој се појавува како текстописец на една од необјавените песни.

– Со Влатко имавме одлична соработка иако јас бев многу постар од него, но тој беше таков човек што се дружеше и со многу постари од мене. Често го споменувам, на концертот на Меморија му посветивме и песна, како што всушност правиме на секој настап. Многу недостасува Влатче, оваа промоција на албумот е многу тажна бидејќи не е лесно без него да се пеат неговите хитови, рече Ристо Самарџиев.

Владимир Дојчиновски-Дојчин вели дека Влатко секогаш правел песни за душа, а потоа секоја од нив станувала хит.

– Влатко речиси никогаш не размислуваше дали некоја песна ќе биде хит или не, едноставно секоја песна стануваше хит. Но сега кога го нема, веќе е сеедно дали овие песни ќе се слушаат, тој едноставно многу недостасува. Се потсетувам на него не само некогаш, туку многу често, со истото друштво си ги споменуваме заедничките случки и анегдоти, на тој начин го одржуваме во живот споменот за него, вели Дојчин.

Урош Вељковиќ од „Стил Темпл“ е еден од музичарите кои учествува во новиот албум, свири на тапани на една од неговите песни. Тој заедно со Влатче свиреа своевремено во групата „Меид ин Мацедониа“.

– Ова е песна која одамна ја имавме снимено како демо верзија, мило ми е што доживеа да биде ставена на албум. Издавањето на албум е доказ дека Влатче не е заборавен, порача Урош.

Славчо од Морал со кого беа во ист бенд нагласува дека имале неверојатна соработка, а емотивната празнина е се уште присутна.

– Четири години се премалку за да може времето да ги избледи спомените, не верувам дека некогаш тоа може да се случи. Многу се радувам на овој албум, сепак сум малку емотивен бидејќи постхумните промоции не се лесни за најблиското семејство и пријателите, рече Славчо.

Објавата и промоцијата на новиот албум на Влатко Илиевски е во организација на неговиот татко Драган Илиевски.