По средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Димитар Ковачевски порача дека нема никакви фусноти и ѕвездички за македонскиот јазик во францускиот предлог и одлуката дали да се прифати тој или не треба да се носи со студена глава и со државничко однесување.

-Сакам да сум кристално јасен: македонскиот јазик е чист во Преговарачката рамка и еднаков со другите јазици на ЕУ, без фусноти и ѕвездички, изјави премиерот Димитар Ковачевски по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Премиерот не одговори конкретно дали ги отфрла или прифаќа предлозите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој побара Ковачевски да го отфрли францускиот предлог во замена за статус-кво со барањето за предвремени избори, како и претседателот на владата да издејствуваат бришење на обврската за внесување на Бугарите во Уставот и се она што асоцира на Историската комисија и билатералниот протокол со Бугарија.

-Во однос на тезите кои беа поставени, тие не задираат во третманот на македонскиот јазик ниту идентитетот. Тоа е мултилатерален документ кој е усогласен. Во однос на уставните измени, сите партии имаа свои изјави во изминатиот период, други ги менуваат. Нашиот Устав предвидува дека граѓани кои се самоопределуваат на друг начин можат да се дел од Уставот. Сметам дека сите пратеници треба да го прифатат менувањето на Уставот, рече Ковачевски.

Според него дел од коалиционите партнери веќе искажале позитивно мислење, а дел уште размислува за францускиот предлог.

-Јас сметам дека сите политички партии сериозно пристапуваат кон ова прашање и дека ќе донесат вистинска одлука. Тоа е одговорност, рече Ковачевски според кого, владата се држи до државните интереси, го штити идентитетот и не е направено ништо без да се почитуваат црвените линии.

-Сите сме свесни за чуствителоста за ова прашање. Лесно е да отфрлиме, но потребно е рационално размислување . Од ова прашање не смееме да правиме дневна политика. Ова е стратешко прашање, посочи Ковачевски.

Тој нагласи дека предлогот не претставува бугаризација на државата, како што тоа го претставува опозицијата.

-Македонскиот народ никој до сега не успеал да го асимилира, ниту ќе го асимилира. Горди сме на својата историја, јазик и идентитет со сите свои аспекти – така било, така е, и така ќе биде, нагласи Ковачевски по средбата со Мицкоски.