На Плаошник првично беше предвидено изградба на комплекс каде што требаше да влезат: Богословски факултет, Манастирски конак, Резиденцијален објект, Афилијација на светски универзитети и Компјутерски центар. Последниве два беа избришани од проектот по препорака на УНЕСКО. „Во однос на фазите карабина и фасада досега на т.н. Манастирски конак се изведени 95 проценти од предвидените активности, на Резиденцијалниот објект 100 проценти, а кај Богословски факултет 70 проценти“, велат од Управата за заштита на културното наследство

Возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник (проект започнат во 2007 година), ќе продолжи да се реализира, а за негово финализирање се издвоени средства за 2023 и 2024 година. На Плаошник првично беше предвидена изградба на комплекс, во чија рамка требаше да влезат: Богословски факултет, Манастирски конак, Резиденцијален објект, Афилијација на светски универзитети и Компјутерски центар. Последниве два беа избришани од проектот по препорака на УНЕСКО.

Инаку, Владата на завчерашната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата подготвена од Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство. Дадена е согласност и мислење за оправданоста и продолжување на овој проектот кој беше во застој. Министерството за финансии, пак, е задолжено да обезбеди средства за негова реализација – во висина од 50 милиони денари во државниот Буџет за 2023 и 22 милиона и 700.000 денари во Буџетот за 2024 година.

„Досега на т.н. Манастирски конак се изведени 95 проценти од предвидените активности кои се однесуваат на фазите карабина и фасада согласно основниот и анексот на основниот проект. На Богословскиот факултет, пак, завршени се 70 проценти од активностите, поточно 100 проценти карабина и 40 проценти фасада. Останува да се доврши со ѕидање неколку преградни ѕидови, да се оформи куполата… Останува да се завршат и работите на манастирскиот конак во смисла на дрвена обработка на касетната таваница, ѕидање на ѕид од камен, монтажа на дрвена дограма, изработка на дрвена ограда на балконите… Кај Резиденцијалниот објект се изведени 100 проценти од предвидените активности.

(Музејот, библиотеката и Македонскиот институт за хуманистички науки, објекти кои се исто така дел од проектот се целосно изведени). Сите работи што се предвидени да се направат на возобновување на Светиклиментовиот универзитет се во согласност со препораките на УНЕСКО и не се закана по исклучителната универзална вредност на светското и природно културно наследство на Охридскиот регион“, посочуваат од Управата за заштита на културното наследство. Оттаму додаваат дека сите активности ќе се изведуваат во 2023 и 2024 година.

Со овој проект на Охрид ќе му се даде нова духовна и туристичка димензија. Во времето на Св. Климент, во манастирот околу црквата се наоѓала Охридската школа, жариштето на словенската писменост и култура. Овде Климент Охридски, прв писател меѓу македонските Словени, ги составувал своите литературни творби, меѓу кои и Пофалното слово за Кирил, ремек-дело на средновековната словенска книжевност. Во првата фаза на возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет беа откривани остатоците од универзитетот, за во 2012 година конечно да започнат градежните работи за негова обнова.

Идејата за комплексот Светиклиментов универзитет на Плаошник има за цел да се спои сакралното со световното, да се направи една симбиоза на времето на св. Климент со современата доба.