Илјадници граѓани вечерва повторно го почнаа протестниот мaрш пред Владата, продолжија пред Министерството за правда, а во моментов се пред зградата на Собранието. И вечерва главната порака за францускиот предлог е – „Ултиматум не, благодарам“.

Учесниците стигнаа пред Министерството за правда каде ги поставија транспарентите „Ова е Устав“, „Ова е тоалетна хартија“, „Ова се лисици“ и „Ова е Јустицијата, знаете што следи“.

Демонстрантите, поддржани главно од опозициските партии, се против францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и почеток на преговорите со ЕУ.

Развиорени се македонски знамиња, а дел од учесниците на маршот имаат маички на кои е напишано „НЕ“, како и „Навиваме за Македонија“.

На транспарентите пишува „Сепак ние ќе победиме“, „Стоп за бугаризација“, „Со фашисти не преговараме“…

Според најавите, предвидено е обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Иницијативата „Ултиматум нe, благодарам“ денеска преку соопштение до медиумите повика на масовност и на мирно и достоинствено протестирање.

Вчера, поради муслиманскиот празник Курбан Бајрам протест не се одржа, а не се организираше ниту во петокот кога незадоволството беше изразено преку блокади во Скопје, на булеварот пред Владата, како и на магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп.