Цените на храната и енергенсите ќе растат и во текот на овој месец слично како и во јуни. Стапката на инфлација од 14,5 проценти за претходниот месец во споредба со истиот период лани е очекувана со оглед на случувањата во Украина, но и поради прекинот на владините мерки со кои се ублажуваа ценовните шокови, велат од Центарот за економски анализи. Можна стабилизација на цените се очекува во август, но речиси е невозможно точно да се прогнозира со оглед на неизвесноста.

„Иако Владата прифати дел од препораките да имаме потаргетирани мерки, сепак тие таргетирани ги нема како дизајнирани, а исто така не се ни имплементирани. Во месец јули ние и понатаму би очекувале слични стапки на инфлација особено поради порастот на цената на струјата за домаќинствата, а во месец август може да очекуваме одредена стабилизација на цените првенствено заради високата стартна основа од претходната година“, изјави Благица Петрески, Центар за економски анализи – Finance Think.

Според Петрески, не треба да се чека усвојувањето на ребаланост за да се дизајнираат нови антикризни мерки, туку тие веќе треба да бидат креирани за веднаш да се насочат онаму каде што се најпотребни. А, иако се очекуваше ребаланост да биде усвоен до крајот на јуни, тоа не се случи затоа што се одложуваше амандманската расправа.

Сега пак, сè уште не е закажана пленарната седница на која ребалансот треба да се гласа. Заводот за статистика за претходниот месец измери највисока инфлација било кога досега измерена во земјава на месечно ниво. За една година најмногу пораснаа цените на горивата, маслото за јадење, лебот и млечните производи