Американскиот претседател Џо Бајден преку писмо порача дека САД го поздравуваат чекорот на Европската унија за проширување кон Западен Балкан.

Тој рече дека САД ќе продолжат да бидат силен и доверлив партнер додека тие земји (Северна Македонија и Албанија) работат на заштита на човековите права, зајакнување на демократските реформи и поддршка на владеењето на правото, пишува Алсат.

„Соединетите Држави ги поздравуваат важните чекори што Европската унија ги презема за унапредување на интеграцијата на Западен Балкан во евроатлантската заедница преку отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Во време кога Русија го уништи мирот во Европа, поважно од кога било е да се поддржи стремежот за цела, слободна и мирна Европа. Демократски, безбеден и просперитетен Западен Балкан останува суштински за оваа визија. Соединетите држави ќе продолжат да бидат силен и доверлив партнер додека тие земји работат на заштита на човековите права, зајакнување на демократските реформи и почитување на владеењето на правото. Чекорите што ЕУ, Албанија и Северна Македонија ги презедоа во последните денови треба да ги инспирираат сите аспиранти за ЕУ ​​во регионот да ја зголемат својата посветеност за зајакнување на нивните демократии“, се вели во обраќањето на претседателот Џо Бајден.