Борко ќе ја плати казната на навивач на Вардар казнет поради сонцето од Кутлеш!
Борко Ристовски, чуварот на македонската ракометна репрезентација и на Вардар, ќе плати казна за навивач на Вардар кој добил санкција поради веење на знамето од Кутлеш, пренесе ГОЛ.МК.

За време на прославата на европската титула на РК Вардар, Жарко од Скопје бил казнет пред Собранието од страна на припадник на МВР со глоба од 200 евра.

Тој ја објави казната на социјалните мрежи, а во истата стои дека за време на прославата на европската титула на РК Вардар, тој бил казнет поради „нарушување на јавниот ред и мир“ и носење на знамето за кое стои дека се работи за „истакнување на знаме или грб кој не содржи обележја утврдени со закон“.

Борко Ристовски го забележал постот, па му порача дека ќе му ја плати казната. Жарко треба да се јави на суд на Ѓурѓовден, а останува да видиме каков ќе биде епилогот од целата ситуација, пишува порталот.