Кинотеката на својата веб-страница продолжи да додава дел од своите изданија, со што тие се достапни за пошироката јавност, кинотечната публика и сите оние што сакаат да дознаат нешто повеќе за домашната и странската кинематографија. По сите досегашни броеви на „Кинопис“, списанието за теорија и историја на филм, од денес достапна за читателите е и монографијата „Манаки“ од авторот Игор Старделов, издание на Кинотеката од 2003 година. Тука можете да ја преземете монографијата.

Монографијата е еден заокружен научен труд за дејноста, значењето и активноста на првите сниматели на Балканот – браќата Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964) Манаки – и донесува нови сознанија за нивната фотографска, филмска и киноприкажувачка дејност. Низ шест поглавја авторот ги разгледува не само биографските моменти и творечкиот опус на браќата Манаки туку и критички демистифицира одредени историски факти и тврдења за нивниот живот и дело, ги анализира содржината и структурата на нивните филмови и изразните елементи, како монтажа, структура и хронотопичност на кадар, семиотика на филмска слика, кинестетски карактеристики на масовните сцени итн. На крајот, со посебен прилог Старделов се осврнува кон предизвиците на реставраторските и конзерваторски хемиски процеси со кои се заштитени филмските ленти на Манакиевци.

Во 2014 година монографијата „Манаки“ беше преведена и на турски јазик за заедничкото издание на Кинотеката и ESR Film Yapim од Истанбул.

Игор Старделов (1963) е раководител на Одделението на заштита на филмови и филмски материјали (Филмскиот архив) на Кинотеката. Објавил повеќе научни трудови од областа на историјата и теоријата на филмот во домашни и странски списанија, а меѓу другото, раководел и со проектите за заштитна реставрација на филмските ленти и дигитализација на филмовите на браќата Манки, финансирани од Министерсвото за култура.

Кинотеката филмовите на браќата Манаки, реставрирани и дигитализирани, ги издаде на ДВД во 2014 година.