Трајан Димковски и СДСМ преку евтин популизам и неефективни мерки се обидуваат да вршат класичен поткуп на земјоделците пред избори, изјави на денешната прес-конференција дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски, кој реагира на третиот пакет економски мерки за кои Владата вели дека нуди поголема поддршка на земјоделците.

„Наместо да се ангажираат и да најдат пласман за земјоделските производи, Владата и министрите во неа сакаат со квазисоцијални мерки да го купат македонскиот земјоделец за избори“, истакна дополнителниот заменик-министер.

Како што рече тој, земјоделството три години е на апарати за дишење.

„Владата на земјоделците не им го дава ниту тоа што има законска обврска да го даде. Субвенциите доцнат, а често земјоделците се оставени без нив и по една-две години. Сè уште имаме неисплатени субвенции за 2017, 2018 и за 2019 година. Ова е срамота. И тоа е работа што треба итно да биде завршена. Барам итно исплаќање на заостанатите субвенции од минатите години. Земјоделците мора да ги добијат парите што власта им ги должи“, нагласи Трипуновски, кој додаде дека сите мерки што ги предлага СДСМ не го решаваат проблемот на земјоделците, туку само се обид за нивна манипулација.