Жирито годинава тоа беше составено од 142 критичари од 57 земји и за првпат во историјата на арапската кинематографија се формираше во ваков обем, а Уневска е првата македонска критичарка што учествува во него. (Фото: Аквариус)

Македонската новинарка и филмска критичарка Сунчица Уневска е дел од меѓународното жири кое во периодот од февруари до април оваа година ги бираше најдобрите арапски филмови за 2019, за наградата што вообичаено се доделува на Канскиот филмски фестивал. Жирито годинава беше составено од 142 критичари од 57 земји и за првпат во историјата на арапската кинематографија се формираше во ваков обем.

Уневска, која е членка на Меѓународната асоцијација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ, е првата македонска филмска критичарка што учествува во ова жири, а поканета е директно, вон асоцијацијата. Наградите за најдобрите арапски филмови се доделуваат од 2017, а организатор е Арапскиот филмски центар, но оваа година за првпат за нив одлучуваше меѓународно жири.

Во изборот од 32 арапски долгометражни играни и документарни филмови, жирито додели награди во шест категории: за најдобар филм, за најдобра режија, за најдобро сценарио, за најдобра машка и женска улога и за најдобар документарен филм, а поради пандемијата на Ковид-19, наградите се доделени по виртуелен пат, на 25 јуни на виртуелното издание на Канскиот филмски фестивал, на Канскиот виртуелен филмски маркет.

Апсолутен победник за 2019 е „Тоа мора да е рај“ на палестинскиот режисер Елија Сулејман, награден за најдобар филм и за најдобра режија.