Судството беше една од темите на кои лидерите на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, вечерва дебатираа во соочувањето на ТВ 24.

Мицкоски го обвини Заев дека имал три години за реформи, но оти бил и претседател на Влада и директор и обвинител и судија.

„И тоа не е краток период, тоа се три години, а Заев сега вели дека ништо не знае, дека се користело неговото име зашто бил премиер“,рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој повторно спомена дел од актуелните случаи во судството изминатите години и го обвини политичкиот противник за „Луј витон“ судство.

„Заев можеше да ја каже и вистината за Нешковски, за Младенов, а ние гледавме само ’Луи Витон‘ трас-трас одлуки“,рече Мицкоски.

Заев, пак, на оваа тема рече дека тој и Владата ги тргнале рацете од правосудството и оставиле судиите сами да одлучуваат.

„Јас сум бил тој што ги тргна сите раце од правосудството за да можат слободно да ги тераат постапките. Зоран Заев не го контролира судството. Ако Заев креваше телефон како ВМРО-ДПМНЕ, можеби, ќе имаше луѓе во затвор, но судиите се тие кои водат постапки. Тоа е нивна одговорност“,рече лидерот на СДСМ.