од Јасмина Кантарџиева Димкова

Поддршката која пред три години беше: ’Ајде, вие можете повеќе’, сега се претвори во граница до каде можеш. „Бидете еманципрани, но не премногу.“

Активистичкиот дух во неа отсекогаш бил присутен. Во 2006/2007 година, Мерсиха Смаиловиќ, тогаш апсолвентка на Правниот факултет, заедно со група жени ја почнаа иницијатива за отстранување на забраната стара 60 години, со која не ѝ се дозволуваше на жената да има фотографија со марама во личната карта. Денес таа се залага за еднакви права и можности за секој граѓанин и граѓанка во нашата држава, за родова рамноправност во сите општествени сегменти, за достапност на образованието до секое девојче, на секое место во државата, за прифатеноста на муслиманката во општеството. Мерсиха Смаиловиќ е пионер на 21-от век во борбата за надминување на интерактивните разлики помеѓу различните етникуми и борец против наметнатите предрасуди и стереотипи за жената муслиманка.

Бевте прва и единствена, која за време на студиите на Правниот факултет носевте марама. Постоеја ли предрасуди, се соочувавте ли со говор на омраза во тој период?

– Времето кога студирав не беше толку одамна, од временски аспект, но од општествен ми се чини многу далеку, социјалните медиуми не беа толку достапни, а со тоа и говорот на омраза ретко се среќаваше. Во текот на студиите, ниту еднаш не сум била дискриминирана, ниту сум почувствувала непријатности заради својот изглед. Предрасуди секако дека имало, прашања директно упатени од колегите или професорите поради начинот на кој се облекував, зошто, како? Но, сè додека единствена вредност тогаш беше знаењето што го ценеа и бараа, другите предизвици ги поминав лесно, за на крајот да бидам дипломирана правничка, а мојата врска со Правниот факултет ја обновив и неодамна со запишувањето магистерски студии.

Активно и успешно учествувавте во иницијативата за отстранување на забраната стара 60 години, со која не ѝ се дозволуваше на жената да има фотографија со марама во личната карта. Со какви предизвици тогаш се соочувавте?

– Во 2006/2007 година, со група жени почнавме иницијатива да ни биде дозволено во сите лични документи да бидеме со марама, како што сме и во реалниот живот, дотогаш, жените со марама беа принудени да ја тргнат за да се фотографираат за своите документи. Тоа време бев апсолвентка и сметав дека имам доволно знаење за законите и правилниците, но најбитното, имав голема поддршка од тогашните мои професори, проф. д-р Љубомир Фрчковски и проф. д-р Владо Поповски, кои и јавно ја поддржаа нашата заложба за законските промени. Јавноста позитивно го прифати нашето барање, Македонската православна црква ни даде поддршка и сè тоа вроди со плод. Заедништвото е секогаш плодоносно! А мене тоа ми беше голем мотив да продолжам да градам коалиции со разни групи, поединци, затоа што тоа носи придобивки, добиваш нови пријатели, а и промените во општеството се видливи за сите. Успеваш да се избориш против една неправда и да донесеш правда до голем број жени, тоа е прекрасно чувство. Но интересен феномен е што четиригодишното универзитетско образование ми даде толку силно чувство на сигурност и самоувереност дека ќе го смениме законот, и едноставно ги направи предизвиците лесно скротливи.

Најмногу им се восхитував на првите околу мене, на жените што се охрабриле да бидат први во своето општество. Први да запишат факултет, први да се вработат во професии каде што нема жени, први да се вклучат во поликата, општствените интересни групи…
Кој беше пресудниот момент кога одлучивте да се активирате за еманципацијата на жената муслиманка кај нас, и колку се навистина денес еманципирани жените во Република Северна Македонија?

– Активистичкиот дух во мене отсекогаш бил присутен, а мојата активност била насочувана кон моменталниот проблемот за кој сум станала свесна дека постои. Моето домашното воспитување, образованието, сè тоа ми било во духот на напредокот и достигнувањето на поголеми скалила во општеството. Но додека чекорев, додека се „искачував“, гледав дека секоја жена ја нема таа можност и право да напредува, да бира каков живот и иднина сака да има. И тогаш слушнав едни стихови што ги испеа Тоше Проевски: „А во гради срце стега, нема храброст за да бега, зад неа е цела младост, на моменти малку радост.“ Всушност, целата песна „Жена балканска“ говори за една реална состојба, која те тера и наложува да градиш коалиции со сите жени во Македонија, без разлика на вера и нација, зашто традицијата, ограничувањата, културата што е вкорената кај нас, долго ја ограничувала жената да ги ужива истите права и слободи како мажите. Свесноста дека секоја една е битна, секоја жена има способност да го постигне тоа што го сака, само околностите во кои се нашла не ѝ ги даваат истите можности, беше моментот кога сфатив дека не само за муслиманката, туку борбата ќе биде вредна и успешна тогаш кога ќе биде насочена кон секоја една жена балканска. Но не постои доволно еманципирана жена, затоа што динамичноста на животот бара секојдневна нејзина присустност. Сѐ додека не се движиме низ него слободно и не ни е дадено правото да ги прифаќаме можностите како што ни доаѓаат, борбата за еманципација ќе трае.

Кој е приоритетот во правдата за кои се залагате денес во однос на жената?

– Многу едноставна е мојата заложба, еднакви права и можности за секој граѓанин и граѓанка во нашата држава. Достапноста на образованието до секое девојче, на секое место во државата. Но и кога ќе го достигнеме степенот на образование и кога нашите способности ќе бидат високи, гледаме дека жената доаѓа до состојба на стагнација поради околностите во кои се наоѓа. И стануваме свесни дека вистинска правда нема да оствариме сè додека немаме жени на раководни позиции во државните институции, повеќе министерски места, еднакво платен труд за мажите и жените, жената присутна во органите на локалната самоуправа… Кога ќе ја оствариме родовата рамноправност во сите општествени сегменти, тогаш ќе можеме да се пофалиме со напредок, а дотогаш, нашата борба продолжува.

Кога станав мајка ѝ се восхитував на мојата мајка, како успеала да израсне три деца додека работела тешка физичка работа во текстилната индустрија.
Кој е најгорливиот проблем меѓу жените муслиманки во Македонија?

– Повеќе од 15 години општествено сум активна и проблемите на муслиманките секогаш еволуирале во поголеми или пак се решавале. Во последните години проблемот со кој се соочуваме е прифатеноста на муслиманката. Пред 15 години борбата беше насочена кон еманципација, која велеше едуцирајте се, потоа ајде да се вработите. И кога ќе влезете во системот, сфаќате дека имате способност да напредувате на повисоки скалила, но тогаш се појавува проблемот: Зошто жена со марама да биде раководителка/ директорка/ советничка/ парламентарка? Поддршката која пред три години беше: ’Ајде, вие можете повеќе’, сега се претвори во граница до каде можеш. „Бидете еманципирани, но не премногу.“ И сега слободно можам да кажам дека најгорливиот проблем не е веќе патријархатот и обврските на жената во семејството, туку прифатеноста во општеството и вреднувањето на жената муслиманка врз основа на нејзините квалитети и способности, а не верската и етничка припадност. Уморни сме да бидеме само дел од фолклорот кога треба да ја прикажеме мултиетничноста на нашето општество, имаме доволно способности и квалитети да застанеме рамо до рамо со секоја жена во високите државни структури, а не само да позираме кога ќе бидеме повикани.

Проблемот со семејното насилство, за жал, продолжува и понатаму да биде актуелен. Како може конечно да се надмине овој проблем и колку жената е подготвена да го алармира сопствениот проблем?

– За жал фемицидите (убиство на жената од нејзиниот партнер или сопруг) се болна реалност во Македонија. И тоа убиство е последниот чин на насилството што траело со години. Системот кој требал да ја заштити потклекнал, жените немаат доволно доверба во него за да пријават. Ратификацијата на Истанбулската конвенција од пред две години е огромен чекор во заложбите да се стави крај на родово базираното насилство. Сега имаме рамка кон која ќе ги направиме законите функционални кон заштитата на жената. Но секој еден државен службеник, од полицаецот на кој прва му се обраќа жртвата, па сè до социјалниот работник, треба да има силен мотив и волја да ја заштити и да ги искористи сите институционални средства во нејзина заштита. Кога жртвата ќе знае дека имаме зрели и спремни институции што ќе ја штитат, тогаш полесно ќе се охрабри да пријави. Таа се бори со толку гласови во нејзината глава, размислува што ќе каже семејството, како ќе ја гледаат луѓето, дали насилникот ќе ѝ ги земе децата, дали таа е виновна за насилството… Но не смее да биде така и не треба. Мојата заложба е да ја охрабрам секоја жена никогаш да не дозволи да биде малтретирана на ниту еден начин, а ако тоа се случи, веднаш да го пријави насилникот и да се заштити себеси. Мојата заложба е да ѝ укажам на државата дека мора да ја штити секоја жена, без разлика на нејзиниот статус. Сè додека жената Ромка или жената Албанка или друга припадност, па дури и жената бегалка и мигрантка, не е подеднакво заштитена како другите жени, нема да можеме да се задоволиме со законите и праксите кои државата ги воспоставила. Ако законот не важи за сите подеднакво, ако заштита не ѝ се дава на секоја жена со иста сразмерност, тогаш тоа не е правдата за која се бориме и тоа не се заложбите за кои феминистките со години наназад се бореле во Македонија.

Препознатлива сте по изградениот стил, на пример марама во комбинација со „старки“, стил кој дава слика на модерна и современа жена. Што значи според Вас да се има стил, каква е според Вас жената со стил?

– Мојот стил има една рамка, а тоа е исламскиот начин на облекување. Тоа не е само марамата на главата, тоа е стил што треба да биде скромен, едноставен и удобен, што всушност и му прилега на моето секојдневие. „Старките“ се мојата љубов уште од средношколски денови. Сега имам четири различни бои на „старки“, од кои едни се кожни и спаѓаат во елегантната комбинација. Стилот на жената мора да одговара со нејзиниот начин на живеење и делување. Дури и да одговара на опкружувањето во кое најчесто се наоѓа. Добар дел од денот сум во својата канцеларија или на службени состаноци, каде што „старките“ ги заменувам со балетанки. Но во другиот дел од денот, активистичкиот, со задоволство ѝ се враќам на удобноста, на „старките“. Да се има стил значи жената да знае да ја носи облеката, па и тоа да се едноставни „старки“ и фустан. Но фокусирајќи се на надворешноста да внимава на внатрешноста, на суштината на нејзиното битие. Воспоставувајќи баланс меѓу модерното и современото со мирољубивоста.

Дали во животот повеќе Ви помогнале мажите или жените?

– Сум имала помош и од мажи и од жени, секоја од нив била посебна. Не можам да го игнорирам активистичкиот дух што ми го вградил татко ми или поддршката што ја имам од својот сопруг повеќе од 10 години, а ниту силната поддршка која ми ја давала сестра ми и логистиката од мајка ми. Но мене секогаш ми значела поддршката од жените и секогаш сум ја барала од нив. Женската солидарност е нешто што е многу битно за мене. Советот што ви го дава жена која поминала низ истото патешествие како вас, е најважен. Можеби и свесноста дека жените се секогаш повеќе самокритични кон жените, прави повеќе да ја вреднуваме нејзината помош. Мојата компанија што ја водам заедно со мојата партнерка Селма скоро 14 години, започна со помош од жена, со што таа женска нишка со која почнавме, продолживме да ја негуваме со помагањето на други жени околу нас, да ги подучуваме, но и да ги вработуваме во нашата комапнија. Кога би требала да изберам, сметам дека кон патот по кој одев имав голема помош и поттик од жените. Сега мисијата ја продолжувам со моите две ќерки, да бидам јас како жена и мајка, нивна помош и поддршка.

Да се има стил значи жената да знае да ја носи облеката, па и тоа да се едноставни „старки“ и фустан.
На кои жени денес им се восхитувате?

– Како што животот ви носи предизвици, така имате потреба да пронајдете жена на која ќе ѝ се восхитувате. Но, некако најмногу им се восхитував на првите околу мене, на жените кои се охрабриле да бидат први во своето општество. Први да запишат факултет, први да се вработат во професии каде што нема жени, први да се вклучат во поликата, општествените интересни групи…. Првите секогаш ми биле инспирација да продолжам да откривам и да остварувам нови предизвици. Во текот на образованието имав прекрасни наставнички и професорки, секогаш имав омилена, која ќе ми станеше и менторка. Во втората година средно образование, професорката по Право, Снежана, ми рече дека мојот дух одговара на студиите по право, и во годините што доаѓаа постојано ме подготвуваше и ме охрабруваше. Кога ги запишав студиите, им се восхитував на жените кои целиот живот се бореле за правда, кои се бореле да им дадат глас на безгласните жени во нашето општество. Кога станав мајка ѝ се восхитував на мојата мајка, како успеала да израсне три деца додека работела тешка физичка работа во текстилната индустрија. Како што растеа децата ѝ се восхитував на мојата почината баба, која толку љубов и мудри совети ни подарила на нас како нејзини внуки и внуци. Секогаш сум била опколена со силни и храбри тетки, вујни, братучетки, колешки, па не сум морала да ја барам инспирацијата во светските бестселери. Како и судбината на Алхемичарот, така и мојата, вистинското богатство, вистинската инспирација беше и е околу мене.