Гласањето во 17 домови за стари лица низ државата се одвива одлично и без никакви проблеми, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски, при посетата на гласачкото место во Домот за стари лица во Катланово.

Денеска гласаат и болните и изнемоштени лица и луѓето коишто се сместени во Казнено-поправните установи, што значи вкупно некаде околу 11 илјади лица ќе го искористат своето право на глас.

До пладне, до овој момент немаме пријави за никакви инциденти и денот се одвива навистина мирно што исклучително ме радува затоа што очигледно расте граѓанската свест кај нашите граѓани за своето право и обврска да излезат на избори и да го искористат своето право на глас. Се надевам дека до крајот на денот нема да има никакви проблеми и дека овој ден ќе заврши исклучително мирно и тоа во услови на пандемиска криза КОВИД -19 каде што организациски беше многу тешко да се направат максимални напори да се организира овој процес, но еве на крајот гледате дека навистина се одвива добро, изјави Дерковски.

Гласањето во старските домови првпат се одвива во нашата држава, со што постарите сограѓани за првпат официјално имаат право да го остварат своето гласачко право во онаму каде што се сместени.

Навистина ми е драго што присуствував на овој настан затоа што исклучително добро е организирано ова гласање. Во 17 домови за стари лица низ нашата држава се одвива ова гласање и досега имаме информација дека се одвива одлично без никакви проблеми, изјави Дерковски.