Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган ја обвини Грција дека создала тензии во регионот на Источен Медитеран и ја повика Атина да ги почитува турските права.

На состанокот со претставници на неговата Партија на правдата и развојот (АКП), Ердоган посочи дека дијалогот и преговорите се единствено решение за спорот со Грција за истражувањето на нафта и гас во Источен Медитеран.

Патот за решавање на проблемот во Источен Медитеран се дијалогот и преговори. Не се впуштаме во непотребни авантури и не бараме тензии, посочи Ердоган.

Изминатите недели се зголемени тензиите во регионот поради одлуката на Турција да почне да истражува во Медитеранот, што за Грција е нелегален потег.