Фото/Текст извор: ©магазин.мк
Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица — значаен христијански празник кај православните, католиците и протестантите, посветен на смртта на Марија, мајката на Исус Христос. Христијаните веруваат дека, како и Исус, и Богородица по смртта воскреснала и заминала на небото, како со душата така и со телото. Оттаму и називот успение, што значи искачување.

На иконите, овој празник обично се претставува со иконата со креветот на кој лежи Богородица со рацете вкрстени на градите. На обете страни на креветот се наоѓаат свеќници со запалени свеќи. Кај нозете на Пресвета Богородица Св. Петар поткадува со кандило, а над главата се Св. Апостол Павле и Св. Јован Апостол со главата, додека останатите апостоли стојат наоколу. Над Богородица е Христос кој ја држи душата на Богородица во форма на дете, опкружена со светлина и ангели.

Овој ден се празнува на 15 август по новиот календар, или 28 август по стариот календар.

Црквата нѐ учи дека Марија, мајката на Исус, завршувајќи го текот на земниот живот на најсвет начин, била преземена со тело и душа во небесна слава. Ова е утврдено учење во сите христијански цркви, вклучувајќи ја православната, католичката, источата и коптската. Сите го слават денот на успението на 15 август.

Кај православните цркви кои го користат јулијанскиот календар, оваа дата паѓа на 28 август, а на празникот му претходи 14-дневен пост.

Иако Епифаниј од Саламис во 377. година напишал дека никој не ја знаел судбината на Марија, барем од V век постојат наводи за успението на Марија. Најстариот запис е „Книгата на сеќавањето на Марија“ (лат. Liber Requiei Mariae). Иако книгата е најверојатно од IV век, текстот може да е и постар, дури и од III век. Исто така, и во ракописи на сириски јазик од V и VI век.

Подоцнежни написи кои го потврдуваат успението на Марија се книгата De Obitu S. Dominae, која му се припишува на Свети Јован Богослов od VI век, како и книгата De Transitu Virginis од доцниот V век која му се припишува на Свети Мелитон од Сардис, кајшто се раскажува и дека „апостолите до смртната постела на Марија биле донесени на бели облачиња, секој од градот кајшто проповедал во моментот“.

Во некои верзии на приказната се вели дека настанот се случил во Ефес, во куќата на Марија, а во најстарите традиции настанот се лоцира во Ерусалим. Во некои подоцнежни верзии, се раскажува дека Апостолот Тома задоцнил на погребот и подоцна кога стигнал и го отворил камениот гроб виделе дека телото го нема и заклучиле дека, како и Исус, и Марија воскреснала и заминала на небото. Исто така, се раскажува дека Марија им ја фрлила шамијата на апостолите од небото како доказ за нејзиното успение.