Под слоганот „Замисли еден поинаков поглед“ денеска почна Саемот на книга 2020 на отворено што се одржува во А1 Арена СЦ „Борис Тајковски“, кај Аква Паркот, под монтажни објекти. Повеќе од 40-тина издавачки куќи ќе ги претстават своите најнови изданија на Саемот на книга 2020 што ќе се одржува до 14 септември.

Билјана Петровска, менаџерка на продажба во „Полица“, смета дека можеби посетеноста на Саемот нема да биде како во претходните години бидејќи школската година почнува на 1 октомври.

Но, љубителите на книгата ќе дојдат, зашто, сепак, се работи за настан кој се случува со години, но овој пат просторот е помал и е на отворено. „Полица’ како издавач се реши да го прифати предизвикот за присуство на Саемот, со цел да се задржи традицијата на овој настан без никакви посебни очекувања во однос на продажбата, бидејќи веќе со месеци скоро сите издавачи ги нудат изданијата по саемски цени и во книжарниците и преку своите е-продавници, вели Петроовска.

„Полица“ заедно со другите членки на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) веќе неколку години е дел од организирани саеми-каравани на отворено надвор од Скопје, еден дури беше неколку дена пред новогодишните празници.

Така што моментот „ на отворено“ никогаш не бил исклучен. Сметам дека просторот и површината ја прави атмосферата на еден саем на книга. Овогодинешниот саем ќе биде релативно импровизиран, ќе има шатори, а под шаторите издавачи. Сите ќе бидат со маски и ќе се движат како што наложува протоколот. Затоа мислам дека нема да ја даде вистинската слика дали расположението е повеќе за Саем на книга на отворено или во затворен простор, смета Петровска.

Со Саемот на книга на отворено, започнува и првиот од саемите под мотото: “безбедни саеми”, кои пред сè ќе ја имаат предвид безбедноста на посетителите и изложувачите и ќе се адаптираат на новонастанатите услови.

Ние како организатори на Саемот на книга 2020 ги преземавме сите мерки за безбедност и хигиена кои се во согласност со препораките од страна на здравствените власти кои мерки ќе овозможат безбедни услови и на изложувачите и на посетителите и целосно сме подготвени да реализираме успешно издание на саемот.

За време на Саемот на книга 2020 ќе важат следните мерки:

• Бројот на посетители присутни во еден момент на Саемот на книга 2020 е ограничен и ќе биде регулиран од страна на редарска служба
• На влез на саемот, на секој посетител ќе се мери телесна температура со бесконтактен термометар. Влез ќе биде овозможен само на лице без покачена телесна температура
• Задолжителна дезинфекција на рацете на влезот на саемот и на штандовите
• Задолжително е носење на заштитна опрема (маска, марама) за покривање на носот и устата. Нема да биде дозволен влез на лица без заштитна опрема
• Задложително почитување на мерката за држење дистанца на минимум растојание од 1,5-2 метра
• Коридорско движење низ Саемот за да се намали гужвата со одвоен влез и излез од Саемот

На саемот ќе земат учество повеќе од 40-тина издавачки куќи кои најавија дека ќе ги претстават своите најнови изданија, како и голем број на промоции и големи саемски попусти до 70 отсто. Љубителите на книгата ќе може да избираат од понудата на голем број домашни и странски автори, домашна и странска литература, стручна, научна и белетристичка литература, книги за млади и деца.

Саемот на книга и оваа година е организиран во соработка со Македонската Асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија – ЗИКМ, Здружението на албанските издавачи од Македонија и Сојузот на албански издавачи во Македонија. Билетот за влез чини 30 денари, а за деца и млади до 18 години изнесува 20 денари. Билетите ќе може да се набават онлајн на www.karti.com.mk и на билетарите пред влезот на Саемот.