Пред филијалите гужви, но граѓаните пред камери не коментираат дали се дојдени по потврда за да си ги подигнат парите од пропадната Еуростандард Банка.

Преку 4-те банки, Комерцијална, Стопанска банка, НЛБ и Халк банка, денеска почна исплатата на заробените 68,3 милиони евра за штедачите од банката која заврши во стечај.

Треба да се обештетат над 136.000 лица – штедачи со сметки под 30 илјади евра, како и оние кои имале заробени пари на сметките од плати, пензии, социјална помош. 780-те штедачи со влогови над 30.000 евра, ќе ја добијат загарантирана сума, а останатите пари ќе ги бараат преку стечајната постапка.

СПОРЕД ИНФОРМАЦИИТЕ КОИ ПРИСТИГААТ ДО НАС ОД БАНКИТЕ ИСПЛАТУВАЧИ, ИСПЛАТАТ СЕ ОДВИВА ОДЛИЧНО И БЕЗ ПОГОЛЕМИ ПРЕЧКИ ВО ОДНОС НА ДЕПОНЕНТИТЕ. ИМАШЕ НЕКОЛКУ РЕАКЦИИ ЗА ТЕХНИЧКИ ГРЕШКИ ВО ИМИЊАТА НО ТИЕ СО СТЕЧАЈНИОТ УПРАВНИК СЕ СРЕДЕНИ, ТВРДИ ДИРЕКТОРОТ НА ФОНДОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ДЕПОЗИТИ, БОРЧЕ ХАЏИЕВ.

Според Хаџиев, можно е и социјалци да не можат да си ги подигнат парите ако имале претходна блокада од извршител.

ИМАШЕ РЕАКЦИИ ОГ ГРАЃАНИ ДЕКА НЕ ИМ СЕ ИСПЛАТУВАТА ЗАРОБЕНИТЕ ПАРИ ОД ПЛАТА, ПЕНЗИЈА, СОЦИЈАЛНА ПОМОШ?

-КАЈ НАС НЕМА ТАКВИ РЕАКЦИИ, ОСВЕН МОЖЕ ДА НЕ СЕ ИСПЛАТАТ АКО ИМААТ БЛОКАДА НА СМЕТКАТА ОД ИЗВРШИТЕЛ.

АКО МУ БИЛА СМЕТКАТА ВО ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ТАМУ МУ СТИГНУВАЛА СОЦИЈАЛНАТА ПОМОШ, СЕГА КАКО ДЕПОЗИТ СЕ ПРЕФРЛА ЗА ОБЕШТЕТУВАЊЕ ВО ДРУГА БАНКА, ДОКОЛКУ ИМААТ БЛОКАДА ОД ИЗВРШИТЕЛ НЕ МОЖАТ ДА СИ ПОДИГНАТ. ТРЕБА ИЗВРШИТЕЛОТ ДА ЈА ТРГНЕ БЛОКАДАТА. – ВЕЛИ ХАЏИЕВ.

Иако првично требаше да важи полномошното од Еуростандард за штедачите кои нема лично да се појават на шалтерите на банките – исплатувачи, сепак законите тоа не го дозволувале и сега ќе мора да вадат нови полномоштва. Оние кои се спречени, парите во банка ќе ги чекаат 3 години, а потоа можат да си ги подигнат од Фондот.

Нема да се исплаќаат депозитите на членовите на телата на банките и на големите акционери во Еуростандард, како и штедачите кои имале повластени каматни стапки.

Замрзнати ќе останат и парите кои се поврзани или се сомнителни за кривично дело перење на пари, стои во законската регулатива.

Вчера со информација се јави и стечајниот управник на Еуростандард Душко Тодевски.

Соопшти дека се раскинати сите договори за закуп на деловен простор, во кои биле експозитурите на банката. Но и дека целиот имот и документација се заштитени и се на сигурно.