Израел денеска потпиша договори за нормализирање на односите со Бахреин и Емиратите, а американскиот претседател Доналд Трамп го стави својот потпис.

Трамп рече дека „многу скоро“ другите земји ќе ги нормализираат односите со Израел и дека тоа е начинот да се постигне договор со Палестинците..

“Ние сме тука за да го смениме текот на историјата. Ова е зора на новиот Блиски исток, иднина каде што луѓето од сите вери и потекла ќе живеат во мир и просперитет”, рече американскиот претседател во Белата куќа, каде го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како и министрите за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.

Американскиот претседател исто така нагласи дека договорот ќе овозможи соработка меѓу Израел и двете арапски држави во секторите како што се туризам, трговија, здравство и безбедност и дека ќе им овозможат на муслиманите да ги посетуваат исламските светилишта во Ерусалим, како што е џамијата Ал-Акса.

Таканаречениот Абрахамски договор, именуван по фигурата важна за сите три главни монотеистички религии, е третиот договор за нормализирање на односите меѓу Арапите и Израелците од прогласувањето на еврејската држава во 1948 година.

Израел потпиша мировен договор со Египет во 1979 година и со Јордан во 1994 година.

„Наскоро ќе се приклучат и други држави“, рече Трамп по претходната средба со израелскиот премиер, додавајќи дека ќе има „меѓу пет и шест“.

Американскиот претседател, кој делува како посредник во постигнувањето на овие договори, денеска во интервју за телевизијата Фокс призна дека договорите со ОАЕ и Бахреин се дел од пошироката дипломатска офанзива што ќе ги принуди Палестинците да постигнат договор.

Министерот за надворешни работи на Бахреин, Калид бин Ахмед Ал Калифа, во говорот по Трамп рече дека договорот „покажа дека е можен, дури и реален“ договор со Палестинците, додека министерот на Емиратите, шеик Абдулах бин Зајед Ал Нахијан рече дека поради него „Блискиот исток веќе гледа промена што ќе се прошири низ целиот свет“.

Шефот на дипломатијата на Емиратите му се заблагодари на Израел што се откажа од најавената анексија на дел од Западниот брег, област што ја сакаат Палестинците во нивната идна држава.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху истакна дека со договорот „може да се стави крај на израелско-арапскиот конфликт еднаш и засекогаш“, додека Ројтерс известува дека во јужниот дел на Израел се слушале сирени за време на неговиот говор, а израелските медиуми објавија дека две лица се повредени во ракетни напади во трговски центар во градот Ашдод.

Стотици демонстранти денеска протестираа во Појасот Газа пред канцеларијата на Обединетите нации, осудувајќи го договорот меѓу трите држави.

„Палестина не се продава“, рекоа Палестинците на денот на потпишувањето на договорот што ќе му служи на Трамп во кампањата пред претседателските избори на 3 ноември.