Со премиери на три македонски филма и уште со над четириесетина други грижливо селектирани дела, под слоганот „Филм на секое платно“, од 18 до 24 септември, на девет локации во Скопје ќе се одржи 19. Фестивалот на европски филм – СИНЕДЕЈС.

Наместо во првата половина на ноември како досега, „пандемиски“ на урбано Скопје и на сите македонски љубители на седмата уметност и се* што оди со неа, омилениот Фестивал на европски филм СИНЕДЕЈС ќе им се случи скоро два месеца порано. На отворено и со нескриена амбиција и овојпат, иако во крајно изместени околности, во периодот од 18 до 24 септември, со програма базирана на премиерите на три македонски остварувања и над 40 други грижливо одбрани филма кои ќе бидат прикажувани дури на девет локации од кои некои одамна предадени на забот на времето, да се издигне над обичноста на уште една главно градска културна понуда. Од таму разбирливо е што и слоганот за ова 19 издание ептем си легнал на амбицијата за уште едно убаво издание на Фестивалот, кое, пак, од своја страна треба да ја продолжи линијата на кревање глава на Младински културен центар по деновите на комплетна културна замреност чие одмрзнување и натаму е загатка за институциите.

– Се одлучивме да одиме на ваква каква што ќе ја видите, односно на кино онакво какво што го личи. Кино со публика, живо кино, кино кадешто имате платно, кадешто имате гости…луѓе коишто сакаат да проследат филмови во формат за којшто тие филмови се направени. Не сме поддржувачи на онлајн варијантите на прикажување на филмски фестивали и затоа собравме сили да успееме да го направиме физичко 19-то издание на СИНЕДЕЈС, вели Русе Арсов, в.д директор на Младински културен центар, организаторот на Фестивалот.

Од прес конференцијата за 19 Фестивал на европски филм СИНЕДЕЈС

Маргарита Арсова, програмски координатор на СИНЕДЕЈС, пак, со информација дека и годинешната програма на Фестивалот на европски филм е селекција на долгогодишниот пријател и филмски фанатик Бернд Будер, со дополна дека таа во случајов за нијасна е намалена следствено на условите и бројот на фестивалските денови. Сепак, како што истакнува Арсова, во неа публиката ќе има можност да погледне најновите остварувања на реномирани режисери како Озон, Пуиу, Винтенберг, Срѓан Голубовиќ… а таа нуди и доста македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати програмски целини како Официјална селекција, Гала програма, Музички документарци, МК во ЕУ, МК премиери, SEE програма, ФДУ ретро, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – cinEmusic и друго.

– Поради намалениот обем на Фестивалот и поради намалениот буџет на манифестацијата годинава ќе доделиме само две награди – Најдобар филм во официјалната програма и Најдобар филм филм со СИ – програмата, а за нив ќе одлучува фестивалското жири во состав – Лабина Митевска, продуцентка, Благој Веселинов – актер и Кнут Естерман, германски новина и филмски критичар и долгогодишен пријател на СИНЕДЕЈС, ќе рече Арсова.

А, посебно интересно е што токму во рамките на овогодишното издание СИНЕДЕЈС за прв пат ќе се случи т.н. POP-UP КИНО, со што ќе биде сторен напор не само реално да вибрира бележаниот слоган „Филм на секое платно“ туку и наново, онолку колку се може, заживеат просторите како Кино Влае, Парк Кисела вода, Кино Напредок, Кино Маџари, Дом на градежници „Кочо Рацин“ и кровот на ГТЦ, безмалку повеќе од пристоен број од оние на кои пред нешто повеќе од четири децении филмот им беше душевната храна на тогашните генерации и сите оние кои и се воодушевуваа на седмата уметност во тогаш вистински урбано Скопје

– Секое време носи свои навики и начин на социјализација, од маалски игри, телевизор во двор кај комшиите, фудбал на мали голчиња, комодоре 64, до лаптоп и мобилен екран за секое дете. Во целиот овој технолошки напредок и промена на начинот на комуникација, едно е сосема сигурно, Скопје било и ќе биде едно големо кино. Локациската „реставрација“ на местата каде што во минатото постоеле киносали и проекцијата на филмови на овие позиции, ќе се обиде да даде омаж на културата на еден град. Култура на која ѝ го изгубивме континуитетот, бавејќи се со трупање градби што требаше да покажат колку култура сме имале некогаш“ – смета Филип Николовски, директор на програмата на МКЦ.

Тој и со дополнителна информација дека програмската целина POP-UP КИНО ќе понуди синхронизирани детски филмови на локацијата на киното во Кисела Вода, потоа најдоброто од CINEDAYS од изминатите години во Ретро-програмата, а во соработка со ФДУ и можност да се погледнат студентски и дипломски филмови на режисерите од поновата генерација како Вардан Тозија, Тамара Котевска, Даријан Пејовски и Атанас Георгиев.

И она што е особено важно и на што се прилично горди организаторите, е тоа што за прв пат по долги години отворањето и затворањето на СИНЕДЕЈС ќе биде со премиери на македонски филмови. Така на чинот на свечено отворање е планиран првиот македонски семеен детски филм „Стела“ на Стојан Вујичиќ, во продукција на Дрим фактори. Станува збор за приказна за шарпланинката Стела, внукот Никола и неговиот дедо каде се фокусирааме на вистинските семејни вредности, истакнува продуцентот Огнен Антов, надополнувајќи дека „Филмот „Стела“ е првата домашна еко или зелена продукција.

– Бевме водени од најновите светски еколошки стандарди, да го намалиме производството на отпад на минимум, да ја намалиме емисијата на штетни гасови, да го рециклираме отпадот и слично. Инаку снимањето на филмот се oдвиваше во Скопје, а потоа продолжи во живописниот Галичник и на падините на планината Бистра, а заврши во Штутгарт – Германија, информира Антов.

Затворањето на Фестивалот на европски филм ќе биде со македонската премиера на „ХОМО” на режисерот Игор Иванов – Изи, а ова издание на CINEDAYS ќе донесе и скопска премиера на филмот „ТМ“ на Ивица Димитријевиќ, кој е единствен долгометражен филм во македонската кинематографија снимен со нула денари буџет.

Организаторите и со дополнителни информации дека во познатата селекција МК во ЕУ, каде се прикажуваат филмови со малцинско македонско учество како копродукција, овојпат ќе бидат прикажани филмовите на Виктор Чучков „18% сиво“ во продукција на Сектор филм и „Моето езеро“ на Ѓерѓ Џувани во продукција на Фокус Покус.

Од друга страна, Специјалната музичка програма – cinEmusic ќе биде отворена в петок на 18 септември со настап на ЉУБОЈНА, а Оливер Јосифовски и Вера Милошевска со дел од своите соработници ќе се претстават со музика работена за филмот „Стела“ чија премиера е истата вечер. Следниот ден во паркот на МКЦ ќе настапат младите Зулу 3.4 – инструментален бенд од Скопје, формиран во март 2018 година. Членови на бендот се музички уметници во сферата на џез-музиката, чија цел е преку фузија на различни стилови да создадат уникатен звук и да внесат свежина на македонската музичка сцена. Конечно за затворање на СИНЕДЕЈС 2020 се оставени ЗЏМ Колектив кој овој пат ќе биде придружуван од страна на гудачки оркестар, кој е составен од музичари на Националната опера и балет и од Симфонискиот оркестар на Филхармонија. Со нив ќе раководи мултиинструменталистот и диригент Џијан Емин, а на програмата ќе бидат изведени композиции создадени и аранжирани од страна на македонски џез-композитори, членови на ЗЏМ. Публиката ќе има можност да го проследи концертот кој премиерно беше претставен на годинашното Охридско лето и да присуствува на исклучителен музички настан, кој преку свежината на новите композиции и виртуелната изведба на музичарите ќе овозможи уживање во еден навистина квалитетен македонски музички производ.

Конечно Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Агенција за филм на РСМ и Град Скопје.