Преку документ наречен објаснувачки меморандум кој Бугарија го испратила до земјите членки на Европската Унија бара нивните ставови за македонскиот идентитет и јазик да станат дел од преговарачката рамка за Македонија и од поглавјето 35 во текот на преговорите за членство во Унијата.

Според Радио Слободна Европа, кои што имале увид во документот испишан на шест страни, официјална Софија наметнува два услови и тези за идентитет и јазик.

Во документот се наведува веќе добропознатите ставови на Бугарија –

„Македонскиот јазик или етничка група не постоеле до 02.08.1944. Нивното создавање е дел од целосната изградба на одделен небугарски идентитет чија цел била да се прекинат врските меѓу населението на тогашната Социјалистичка Република Македонија и Бугарија“, објавува Слободна Европа цитирајќи дел од меморандумот.

Во меморандумот се наведува и дека формирањето на македонската нација е проект на Белград за поткопување на бугарскиот идентитет. Официјална Софија поставува услови и во однос на малцинствата.

Од македонското Министерство за надворешни работи велат дека размената на меморандуми меѓу земјите членки е редовен процес и немаат повеќе информации околу документот објавен од Радио Слободна Европа.

Бугарија смета дека македонските историчари се винови што мешовитата комисија нема напредок во работата. Комисијата треба да се состане повторно кон крајот на месецов а на дневен ред се прашањето за Гоце Делчев, Илинденското востание и Втората светска војна. Копреседавачот на комисијата, професор Драги Ѓоргиев за бугарската тв европа вели дека македонското и бугарското гледиште за Делчев треба да егзистираат паралелно.

Ако постои добра волја од двете страни, може да се постигне резултат. Еден начин е „мултиперспективност“. Двете гледишта за Гоце Делчев мора да опстојуваат паралелно. И ова нема да биде пречка тој да се слави на обете страни “, рече проф. Ѓоргиев.

Токму за тековните преговори меѓу Софија и Скопје за Делчев беше повод за синоќешниот протест на опозициската ВМРО ДПМНЕ.

Дека една земја членка го проблематизира усвојувањето на преговарачката рамка деновиве во интервју откри и амбасадорка Анке Холштајн. Германија, која е актуелен претседавач со Унијата, сака првата меѓувладина конференција со што и официјално би почнале преговорите да се случи во декември. Но, претходно е неопходно членките да постигнат согласност за рамката до шести октомври. Инаку, поглавјето 35 вклучува разни прашања кои не се опфатени во ниту едно друго поглавје и вообичаено се отвора на крајот од преговарачкиот процес.