Епидемиолошката ситуација во Србија не е драматична, оцени српскиот претседател Александар Вучиќ, истакнувајќи дека нема голем број мртви и хоспитализирани и дека Србија „добро се држи“ во однос на епидемиолошката ситуација во опкружувањето и во Европа.

Вучиќ, откако денес српското министерство за здравство официјално објави пораст на бројот на новозаразени на 245 од вчерашните 152, им сугерираше на граѓаните дека е „крајно време“ да почнат да се „однесуваат најдоговорно“.

Не се тоа сѐ уште драматични бројки, да не ги плашиме луѓето, но навестувавме дека доаѓа потешко време. Го видовме тоа во процентот на тестираните и процентот на заразените кој расте – кажа Вучиќ за РТС.

Тој, коментирајќи го порастот на бројот на заразени во регионот и во Европа, ги спореди Србија и Хрватска со денешните 740 новозаразени на дневно ниво, оценувајќи дека, според бројот на тестираните и бројот на жителите, тоа би било како во Србоја да има околу 1.300 новозаразени.

Вучиќ истакна и дека се преговара за вакцините и се работи на тоа вакцина да се добие „од сите страни“.

Се преговара со Кинезите, со Русите, со Западот за вакцини, кажа српскиот претседател, истакнувајќи дека „расте паниката“ поради наглиот скок на бројот на заразените и дека Србија „добро се држи“ според процентите на бројот на заразени, бројот на тестирани и бројот на жители.