Главното наоѓалиште на природен гас коешто Турција го откри летото во Црното Море е поголемо отколку што првично се проценуваше, изјави во саботата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Во август беше објавено дека е откриено најголемото наоѓалиште на природен гас во историјата на Турција на гасното подводно поле TUNA-1 на наоѓалиштето Сакарија, чии резерви беа проценети на 320 милијарди кубини метри.

„Таму има дополнителни 85 милијари кубни метри, така што резервите од природен гас сега изнесуваат вкупно 405 милијарди кубни метри“, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на бродот за дупчења „Fatih“ (Освојувач) кој плови во Црното Море. Потврди дека снабдувањето на турските домаќинства со гасот од ова наоѓалиште ќе започне во 2023 година.

Најавата на Ердоган доаѓа во периодот кога Турција ги засили напорите да се претстави како регионален енергетски авторитет, како и да ја намали зависноста на земјата од увозот на природен гас, што негативно влијае врз нејзината кревка економија. Турција годишно троши меѓу 45 и 50 милијарди кубни метри природен гас, а речиси целосно го увезува, најмногу од Русија. Според податоците на турското регулаторно тело за енергетскиот пазар (EPDK), тоа вкупно ја чини 11 милијарди евра.

Паралелно со истражувањата во Црното Море, Турција ги засили и своите истражувања во источниот дел од Средоземното Море, каде откривањато на големите резерви природен гас последните години ги поттикна интересите на глобалните сили. Чувствувајќи се исклучена од оваа поделба на ресурсите поради поделбата на епиторијалните води, Турција започна да спроведува еднострани истражувања, што предизвика жестока реакција од Кипар и во прв ред од соседна Грција која ја обвинува Анкара за нарушување на нејзините поморски граници.

Турција оваа седмица повторно го врати својот брод за подводни сеизмички истражувања „Oruc Reis“ во источниот Медитеран, води коишто се сметаат за ексклузвина економска зона на Грција, што повторно поттикна големи тензии, како и предупредувања и од Европската унија и од САД.

Во саботата поради тоа Ердоган повтори дека Турција „решително ќе ги брани своите интереси“ во Средоземјето, истовремено истакнувајќи дека не сака да ги „крши правата на другите“.