Милан ќе преноќи на врвот на табелата во Серија А, откако со 2-1 го доби дербито на Милано против Интер кое се играше во рамки од четвртото коло. Росонерите благодарение на Златан Ибрахимовиќ го одржаа максималниот учинок и по пауза од четири години конечно се израдуваа на победа во лигашка пресметка против градскиот ривал.

Швеѓанецот го прележа корона-вирусот, па својот камбек на терените го одбележа со два погодоци кои беа доволни за три бода на гостите во овој случај.

Ибрахимовиќ во 11-тата минута изнуди пенал, истиот му го одбрани Хандановиќ, но Златан се поправи на одбиената топка. Веќе во следниот напад на избраниците на Пиоли, Ибрахимовиќ одново се закани, па Милан дојде до 2-0 во 16-тата минута.

Интер мораше да возврати брзо и го стори тоа преку Лукаку по половина час игра, па се вршеше притисок за израмнување, но домаќините не ги искористија шансите до крајот на мечот.

Милан има максимални 12 бода по четири кола во Калчото, додека Интер останува на седум бода по првиот овосезонски пораз.

Во меѓувреме Сампдорија му го нанесе вториот пораз на Лацио со убедливи 3-0, откако екипата од Рим пред две кола претрпе дебакл со 1-4 од Аталанта.