Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение порачува дека очекувала премиерот Зоран Заев да ја одбие иницијативата на Христијан Мицкоски за лидерска средба.

Покрај за односите со Бугарија, опозицијата посочува дека на лидерската би се разговарало и за други прашања.

„Очекувано беше Зоран Заев да ја одбие иницијативата на претседателот Мицкоски за лидерска средба каде што ќе се разговара за сите важни прашања во државата, бидејќи ќе мора да признае дека Владата и Заев се поразени на сите полиња, надворешен план, здравство, економија, образование, корупција и сè останато. Доколку на Зоран Заев му е важно Македонија да тргне напред, ќе прифати лидерска средба и ќе разговара отворено за сите прашања“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата опозицијата понатаму конкретно го споменува и пописот за кој вели дека е статистичка, а не политичка операција, и треба да се реализира согласно стандардите на европските земји и „Еуростат“.

„Зоран Заев сака пописот да го сведе на политички пазар и наместо да се реализира статистички, да биде реализиран политички. Закон за попис кој нема да биде во консултација со ВМРО-ДПМНЕ и кој ќе биде реализиран согласно политичките намери на власта, ние нема да го поддржиме“,

велат од ВМРО-ДПМНЕ.
И премиерот утрово преку социјалните мрежи се пишуваше за пописот велејќи дека тој бил одложен по барање на Мицкоски и опозицијата, а оти сега се планира да се спроведе истиот во април 2021.

Наспроти тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека Заев сака да го сведе пописот на политички пазар, премиерот уверува дека пописот треба да биде според стандардите на „Еуростат“ и нема да влијае на Уставот и Рамковниот договор.