Грција започна да поставува огромна челична ограда долга 27 километри и воени посматрачници во Еврос, ударна точка на таканаречената Балканска мигрантска рута на границата со Турција.

Според порталот Балканска безбедносна мрежа, проектот ќе биде завршен во април 2021 година и по висина ги надминува другите огради во Европа и на границата меѓу САД и Мексико.

„Подигнувањето на ограда во Еврос е најмалку што можевме да сториме за да ја обезбедиме границата и жителите на Еврос да се чувствуваат побезбедно“, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на 17 октомври за време на обиколката на работите во регионот.

Проектот, вреден 63 милиони евра, вклучува поставување на челична бариера висока пет метри опкружена со бодликава жица и осум нови посматрачници што ќе ги користат грчките вооружени сили.

Новите бариери ќе служат за спречување на нелегално преминување на границата и спречување на поплава. Проектот го води грчкото Министерство за цивилна заштита и го спроведува конзорциум од четири градежни компании. Покрај изградбата на новата, ќе се подобри и мрежата на постојните огради со челични арматури во висина од 4,3 метри, што е во рангот на бариерата што се наоѓа на границата меѓу САД и Мексико.

Исто така, ќе се модернизираат постојните 57 воени посматрачници во регионот Еврос со термални камери.

Грчката влада ангажирала дополнителни 400 гранични полицајци да го чуваат регионот Еврос, 800 во источен Егеј и 480 во други делови на земјата.

Во февруари и март 2020 година, Еврос беше сцена на голема безбедносна и хуманитарна криза. Незадоволна од политиката на ЕУ, Анкара одлучи да ги отвори границите за бегалците и мигрантите, помагајќи им да стигнат до Еврос.

Грција одговори со ангажирање на војската и прогласување вонредна состојба во регионот, обвинувајќи ја Турција за злоупотреба на бегалците.

Инцидентите кулминираа со размена на солзавец и шок-бомби од грчките и турските безбедносни сили. Илјадници мигранти кои се обидоа да ја пробијат граничната ограда, потоа биле повлечени во центри за бегалци.

Во Турција има околу четири милиони бегалци и мигранти од Сирија и други делови на Азија и Африка. Европската унија ја поддржа Грција во нејзините напори да спречи нелегално преминување на границите. Покрај силите на Фронтекс, во април за прв пат во Еврос беа испратени елитни специјални полициски единици од неколку земји на ЕУ.