На самиот старт на грејната сезона, мерните станици низ Македонија покажуваат високо ниво на загаденост во воздухот.

А токму загадениот воздух е сојузник на коронавирусот, според многу истражувања.

Неодамна, министерот за здравство Венко Филипче во интервју за ТВ24 зборуваше и за штетните ПМ честички.

Тој вели дека постојат одредени истражувања кои покажуваат дека загадениот воздух односно, ПМ-честичките побрзо и подалеку го шират коронавирусот.

„Ќе процениме дали носењето маски треба да се препорача подоцна во есенските месеци и зимските месеци за луѓето да се штитат и од настинки, но и од загадениот воздух, поради тоа што има одредени публикации кои укажуваат на тоа дека со ПМ-честичките вирусот патува подалеку, многу повеќе од метар и половина до два. Тие вирусот го шират побрзо и подалеку“, посочи министерот Филипче.

Имено, повеќе научни студии покажуваат поврзаност на загадувањето со сериозноста на симптомите кај заболувањето предизвикано од коронавирусот, како и тоа дека загадувањето директно влијае на смртноста од Ковид -19.

Според студија од Универзитетот Харвард, малото зголемување на долготрајна изложеност на ситните PM2.5 честички доведува до големо зголемување на стапката на смртност од Ковид-19.