Од утре на државно ќе се прават дополнителни 350 тестови на коронавирус дневно. Се преговара и со приватните лаборатории да помогнат и тестот да чини 1800 денари, најави министерот за здравство.

По новите рекордни бројки на заразени , комисијата за заразни болести донесе одлука да се обезбедуваат слободни кревети во повеќе болници-Козле, 2 одделенија во 8 Септември, Струмица, Тетово.

– Ќе се преговара и со 56 приватни интернисти кои работат со Фондот, да се вклучат на помош во инфективните клиники. – изјави Венко Филипче.

На пунктовите редици за тестирање. На листата позитивни има пациенти кои и повеќе од пет дена никој не ги контролира и чекаат да им се направат анкетите. Доктор Жарко Караџовски вели епидемилози во Скопје се бројат на прсти, им помагаат општи леркари и студенти, а работат и по 16 часа дневно.

Рекордот на починати беше постигнат вчера- 22 лица. Анализата на ИЈЗ покажала дека над 80% од позитивните на Ковид19 се без симптоми или со лесна клиничка слика.

– Просечно 80% од сите регистрирани случаи се асимптоматски или со многу лесна клиничка слика. Од останатите 20%- меѓу 12 и 14% имаат лесна клиничка слика со лесно изразени симптоми: температура, слабост, малаксаност, течење на нос. Овие лица се препорачува да останат дома и да примаат терапија .Само мал процент, меѓу 2 и 4 отсто од сите заразени, завршуваат на болничко лекување- најчесто со воспаление на белите дробови или друг проблем. Еден отсто од заразените завршуваат на респиратор. – вели Жарко Караџовски – епидемиолог.

Министерот Филипче вели над 85% од оние што починале од или со коронавирусот, имале тешка форма на некоја друга хронична болест, односно коморбидитети. Од почетокот на пандемијата, во Македонија починаа 919 лица, а заразени досега се нешто помалку од 27 илјади. Во моментов, има над 7,400 активни случаи.