Законските измени на кои министерот за здравство Венко Филипче инсистира да се донесат што побрзо треба да се најдат пред пратениците на утрешната собраниска седница.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека предложените измени на Законот за заштита на населението од заразни болести нема да донесат ништо конкретно во борбата против пандемијата. Но и покрај нивните забелешки велат дека нема да го опструираат донесувањето на измените.

„Во овој закон нема конкретни мерки за борба против пандемијата. Исто така во овој закон нема мерки за зајакнување на капацитетите на институциите кои што ги вршат ковид тестовите и нема мерки за поевтино тестирање на ризичните групи на населението како пензионерите или хронично болните. Само зголемување на надлежности на институциите и инспекциските служби, тоа е она што го содржи овој предлог закон“, посочи Никола Мицевски.

Министерот Филипче очекува утре да се донесат измените и како што вели, доколку се почитуваат тие мерки кои ќе го намалува групирањето на луѓето, ќе се избегне воведување полициски час. Сепак потврди дека ќе има зголемени контроли и казни.

„Искрено верувам дека законот ќе се донесе и ќе се изгласа. Се со цел да избегнеме полициски час и ова се мерки кои што практично имитираат полициски час, бидејќи после 23 часот ништо не работи и практично граѓаните нема каде да одат. Со измените на законот кој што е утре во Собрание, значајно се зголемуваат ингеренциите на сите инспекторати. Така што сметам дека со носењето на овој закон и тој дел во однос на контролата во однос на санкционирањето значајно ќе се подобри“, вели Венко Филипче.

Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски со уште поригорозни мерки.

„Јас барам строги рестриктивни мерки во делот на казнување. Само на тој начин ние можеме да опстоиме дека некој ќе се осети дека не треба да прави одредени манифестации со кои што го ремети своето, меѓутоа и колективното здравје“, порача Жарко Караџовски.

Мерките што се предвидени со измените на законот предвидуваат угостителските објекти да работат до 23 часот, освен за оние кои вршат испорака, ограничување на капацитетот на патници во автобусите на 50 проценти, да се носат маски на отворено, забрането групирање на повеќе од четири лица на отворено и ограничување на бројот на гости во домовите. Од друга страна се зголемуваат и ингеренциите на инспекциските служби, кои ќе го заострат контролите.