Американскиот претседател Доналд Трамп се соочи со уште еден неуспех во обидот да го оспори изборниот резултат во една од клучните држави, Пенсилванија. Апелацискиот суд во оваа сојузна држава ја одби неговата жалба со која барање да се спречи блокирањето на прогласулвањето на Џо Бајден за победник.

Одлука на тричлениот судски совет ја објави судијата Стефанос Бибас.

„Слободните и фер избори се крвотокот на нашата демократија. Обвиненијата за нефер избори се сериозно, но изборите не се нефер ако само ги наречете така. Обвиненијата бараат конкретни докази, а ние ги немаме тука“,

напиша Бибас, кој инаку за апелациски судија е номиниран токму од Трамп.
Следниот чекор што му преостанува на американскиот претседател е највисокиот суд, Врховен, и тој веќе е најавен од неговиот адвокатски тим.
Одлуката на Апелацискиот суд во Пенсилванија, следува откако претходно и првостепениот суд ја отфрли тужбата, а гувернерот на оваа сојузна држава го прогласи неговиот противкандидат Џо Бајден за победник на изборите со што на контото на демократот ги препиша 20 електорски гласови што ги носи оваа држава.

Разликата во гласови во Пенсилванија е околу 80 000 во корист на демократите.

Трамп продолжува да одбива да го признае изборниот пораз, но тој веќе најави дека, сепак, ќе замине од Белата куќа ако изборниот колеџ го избере Бајден.
Исто така, и покрај оспорувањата што ги изнесува актуелниот претседател, неговата администрација во понеделникот го отвори патот за трансфер на власта кон Бајден, давајќи му пристап до разузнавачките информации и ресурси.