Наумче Мојсовски, некогашниот македонски ракометен репрезентативец, а сегашен директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС), се огласи со јавна објава откако се појави информацијата дека Македонија ќе игра на Мундијалот во Египет.

Ракометарите беа „прва резерва“ ако некој се откаже, а тоа се случи со Чешка, која поради случаи на ковид-19 мораше да остане дома. Нашиот национален тим се подготвува да замине за Египет, а Мојсовски верува во некогашните колеги од националниот тим.

„Светската ракометна федерација (ИХФ) официјално потврди дека македонската машка ракометна репрезентација ќе се натпреварува на Светското првенство во Египет!

Откако репрезентацијата на Чешка го откажа своето учество на Мундијалот, нашите храбри момци првиот натпревар ќе го играат на 14 јануари против екипата на Шведска

Нашата репрезентација е целосно подготвена за овој голем предизвик! Заедно да ги бодриме и да им посакаме среќа и сила за лавовска борба на сите натпревари!“, вели стружанецот.

Македонија на Светското првенство ќе биде во групата Г заедно со Египет, Шведска и Чиле, а првиот натпревар го игра за 48 часа, кога се соочува со „трите круни“.