Од Централната банка велат дека неизвесноста и ризиците од пандемијата и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија.

Последните расположливи податоци за економската активност посочуваат на поповолни движења во домашната економија во четвртиот квартал во однос на претходниот квартал, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Последните расположиви податоци на Централната банка за домашниот бруто производ (БДП) укажуваат дека годишниот пад на економијата во деветте месеци од 2020 година изнесува 5,9 отсто, но во последните три месеци се забележува раст кај одделни сектори.

„Натамошно забавување на годишниот пад бележат индустријата и прометот во вкупната трговија, кај градежништвото има забрзување на растот, а неповолни движења единствено се забележуваат кај прометот во угостителството“, соопшти Народната банка.

Комитетот оценил дека засега тековите се стабилни и дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата. Согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оценка.

Сепак, велат од Народната банка, неизвесноста и ризиците од пандемијата и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија.

Просечната годишна стапка на инфлација за 2020 година изнесувала 1,2 отсто, што е во согласност со проектираната стапка според последната проекција.

Девизните резерви се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона, со динамика на промена во последниот квартал којашто е подобра од очекуваната согласно со последните проекции. Измината година е остварен раст на девизните резерви од околу 100 милиони евра, наспроти очекуваниот пад.

Првичните податоци заклучно со декември за движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити покажуваат натамошен солиден годишен раст, повисок од проектираниот за депозитите, а кај кредитите остварувањата се главно во рамки на очекувањата согласно со проекцијата.

Ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута забележа позначителен пораст, условен главно од остварувањето на дел од четвртиот пакет мерки за ревитализирање на економијата во услови на ковид-19.