Поради пандемијата на ковид-19, Општина Кичево не реализира ниту еден од предвидените 50 проекти од оваа област, со кои го доби признанието „Град на културата за 2020 година“. Тековно се следеше состојбата со бројот на заразени од ковид-19 и ако се создадеа и минимални можности, ќе се реализираа предвидените проекти, вели актерот Михајло Петрески, задолжен за култура во Општина Кичево.
– Нашите очекувања на почетокот на минатата година беа големи, откако го добивме признанието да бидеме град на културата за 2020 година. Но поради пандемијата на коронавирусот, во повеќе наврати го одложувавме почетокот на реализацијата на културните настани, со надеж дека бројот на инфицирани ќе се намали, со што ќе се создаде реална можност да почнеме со реализацијата на планираните проекти. Побаравме мислење и од Министерството за култура, за да го слушнеме нивниот став и ако е можно некои од проектите да се реализираат во тековната година, а некои да се заокружат во оваа календарска 2021 година.

Во Министерството за култура немаше расположение за нашиот предлог и нивното мислење беше дека сѐ што е планирано со програмата, треба да се реализира до крајот на декември. Бидејќи бројот на новозаболени беше во пораст, за да не се искомпликуваат работите, беше одлучено да не започнеме со реализација на дел од планираните настани – рече Петрески, разочаран што оваа можност е пропуштена, поради објективни околности поврзани со ковид-19.

Прашање е кога Кичево повторно ќе добие ваква шанса, да ги демонстрира културните вредности и достигнувања на своите граѓани. Во план беше настаните да се одржат на Китиното Кале, во музејот „Западна Македонија во НОВ“, во центарот за култура „Кочо Рацин“, како и на многу други локации, каде што ќе беа реализирани овие проекти. Од хрватската амбасада, по посетата на Кичево минатиот јануари, ветија гостување на позната театарска група од Загреб токму на новата ротирачка сцена на врвот на калето, но поради пандемијата пропаднаа сите планови.