Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска предложи воспоставување на потврда за вакцинација на ниво на ЕУ за продолжување на прекуграничното патување погодено од пандемијата на коронавирус.

Грција, чиј туризам претставува петтина од БДП, се обидува да ги оживее патувањата пред летната сезона и веќе создала сопствен стандардизиран сертификат со кој се докажува дека некое лице е вакцинирано.

Во писмото до шефот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Мицотакис предложил воведување на заеднички сертификат за целиот блок. Сертификатот може да се користи при сите форми на превоз.

„Иако нема да ја направиме вакцинацијата задолжителна или предуслов за патување, луѓето кои биле вакцинирани треба да можат слободно да патуваат“, напиша грчкиот премиер во писмото.

„Потребно е итно да се донесе заедничко разбирање за структурата на сертификатот за вакцинација за да биде прифатен во сите земји-членки“, додал Мицотакис.

Доколку членките на Европската унија можат да се договорат за заедничка формула, „можеме да го истуркаме прашањето во релевантни меѓународни форуми и на тој начин да придонесеме за воспоставување мобилност на глобално ниво“, се додава во писмото.

„За земји како Грција, кои зависат од туризам, потребно е да се реши овој проблем пред летната сезона“, се вели во писмото.

Грција релативно лесно го преживеа првиот бран на пандемијата, но зголемувањето на инфекциите од октомври го напрегна нејзиниот здравствен систем, веќе ослабен од долготрајната криза, и ги принуди властите на втора блокада во ноември.

145.179 случаи и 5.302 смртни случаи поврзани со ковид- 19 се потврдени во земјата од почетокот на пандемијата.