Почна најголемото судење на мафијата во историјата на Италија. По над 30 години од последниот процес, на југот на Италија во кои се обвинети 350 членови на калабриската мафија Ндрангете, почна судскиот процес во кој обвинител е славниот Никола Гратери, а се одржува во голем магацин специјално уреден за процесот во градот Ламезија Терме.

Обвинението, освен членовите на мафијашката група, опфаќа и локални функционери, службени лица, полицајци и бизнисмени. На обвинителна клупа е шефот на мафијата Луиџи Манкузо, кој беше во затвор скоро 20 години. Обвинителот Гратери изјави дека процесот е пресвртница за денешна Италија.

„Процесот ќе обезбеди прецизна слика за калабриската мафија денес, која повеќе не е мафија на овчари што киднапираат луѓе, туку криминална компанија. Во изминатите две години имаме бројни тужби од угнетувани претприемачи и граѓани, жртви на лихварство, луѓе кои со години живееле под закана на Ндрангета.“ – изјави Никола Гратери – обвинител.

Над 900 сведоци ќе се појават на судењето, кое главно се одржува преку видео конференции поради пандемијата на коронавирусот, а ангажирани се 400 адвокати. Повеќето од обвинетите беа уапсени во полициски рации во декември 2019 година во Италија, Германија, Швајцарија и Бугарија.

Тие се обвинети за голем број кривични дела како мафијашко здружување, убиства и обид за убиство, трговија со дрога, злоупотреба на службена положба, перење пари. Во Калабрија, мафијата се инфилтрираше во скоро секоја сфера на јавниот живот, од локалните власти до болниците и погребните служби до судството, велат експерти.

Властите проценуваат дека на оваа мафија припаѓаат над 150 семејства кои имаат најмалку 6.000 членови и соработници во Калабрија, но и низ целиот свет, особено во Јужна Америка и Њујорк. Според обвинителот Гратери, годишниот обрт на пари на мафијата се проценува на 50 милијарди евра.

Последното вакво судење се одржа во 1986-1987 година во Палермо, кога на обвинителна клупа беа членови на сицилијанската мафија Коза Ностра, кога беа осудени 338 лица.