Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, ја откажа европската турнеја во последен момент откако министерот за надворешни работи на Луксембург и високи претставници на ЕУ одбиле да се состанат со него, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на дипломати.

Помпео требало да се сретне со Жан Аселборн во Луксембург пред да се сретне со лидерите на ЕУ и со врвен европски дипломат во Брисел, но планот да замине во Луксембург, кој не бил официјално објавен, е откажан откако официјалните лица го одложиле наоѓањето сместување за американскиот дипломат и неговата придружба, тврдат дипломатски извори.

Делот од турнејата во Брисел сè уште не бил откажан во тоа време, но неговиот „тенок“ распоред ја довел во прашање самата цел на посетата.

Имено, немало закажани состаноци со европски претставници или какви било јавни настани во НАТО. Еден од дипломатските извори тврди дека сојузниците биле „засрамени“ да се сретнат со Помпео по насилството минатата среда во Вашингтон кога приврзаниците на претседателот Доналд Трамп насилно ја прекинаа седницата на Конгресот.

Во тоа насилство животот го загубија пет лица.

Ужаснат од насилството, Аселборн го нарече Трамп „криминалец“ и „политички пироман“. Помпео го осуди насилството, но не ја спомена улогата на претседателот Трамп и неговите неосновани обвинувања за изборни кражби што го предизвика маршот кон Капитол Хил.

Министерството за надворешни работи на Луксембург го потврди откажувањето на состанокот, не давајќи никакви детали. Брисел исто така одби да коментира за откажувањето на турнејата на Помпео.

Американскиот Стејт департмент откажувањето на патувањето го припишува на обврски пред враќањето на новоизбраниот претседател Џо Бајден во Белата куќа на 20 јануари.

Во Брисел, Помпео требало да се сретне и со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на приватна вечера во неговата резиденција, а потоа и со белгиската министерка за надворешни работи Софи Вилмс.

Претставниците на ЕУ, истоштени од непредвидливото однесување на Трамп, сакаат да градат нови односи со новоизбраниот претседател Бајден, пишува Ројтерс.