На локалните избори кои треба да се одржат во октомври годинава треба да има отворени листи за советници, е ставот на министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кој е и претседател на политичката партија ЛДП.

Тој очекува дека од пролет ќе почне да се „вжештува“ политичката атмосфера и ќе почнат калкулациите меѓу партиите, а ставот и на Министерството и на неговата партија е да има отворени листи. Општинските совети, според него, треба да бидат помоќни, а доколку има отворени листи во нив би можеле да влезат и претставници од НВО секторот.

„Дали се големи Советите, дали треба да се намали бројот на советници, тоа треба да го дискутираме. Ние во една наша платформа што ја работиме со ЗЕЛС, сметаме дека би требало да се намали бројот на советници, но и тие да се бираат на отворени листи за да влезат луѓе кои имаат авторитет во средината“,

изјави Милевски во „26 анализа“ на ТВ24.
И владејачкиот СДСМ во изминатиот период најавуваше дека се залага за отворени листи за локалните избори. И по формирањето на новата влада, крајот на август 2020, од власта стигнаа такви најави. Министерот за правда, Бојан Маричиќ, по преземањето на функцијата во септември лани изјави дека очекува вакви промени да се направат со компромис меѓу политичките партии.

„Верувам дека може да постигнеме согласност за наредните локални избори во октомври да овозможат еден степен повеќе на демократизација, односно листите да бидат отворени и да се гласа со преференцијални гласови. Тоа ќе биде еден чекор напред кон желбата и определбата којашто ја имавме пред овие избори, за сосема отворени кандидатски листи и за една изборна единица“,

рече Маричиќ на прес-конференција на 14 септември.