Претседателот на Кина Си Џинпинг го повика светот да ја зајакне макроекономската координација и да ја зајакне улогата на Г-20 во глобалното економско управување, оценувајќи дека заздравувањето од пандемијата е прилично неизвесно.

Говорејќи на виртуелната сесија на Светскиот економски форум, што традиционално се одржуваше во швајцарскиот скијачки центар Давос, Си рече дека глобалните економски изгледи остануваат неизвесни и предупреди дека во иднина може да се повторат кризите во јавното здравство.

Си, на кого ова му е прво обраќање на форумот од 2017 година, кога силно ја поддржа слободната трговија и глобализацијата, овој пат испрати слична порака, залагајќи се за мултилатерализам како излез од сегашните предизвици.

„Треба да изградиме отворена светска економија, да ги отфрлиме дискриминаторските и ексклузивни стандарди, правила и системи и да ги срушиме бариерите за трговијата, инвестициите и размената на технологија“, рече тој.

„Г20, меѓународен форум кој ги обединува 19-те најголеми економии во светот и земјите во подем и Европската унија, треба да се зајакне како голем форум за глобалното економско управување и светот да биде подобро координиран во макроекономската политика“, додаде тој.

Меѓународната заедница треба да се раководи според правилата и консензусот на сите земји, а не една или повеќе од нив да издаваат наредби, заклучи тој без да именува ниту една земја, пишува Ројтерс.