Американската пејачка Бијонсе заедно со „Adidas“ и организацијата „Bread of Life“ ги здружија силите за да соберат пари за загрозените жители на Тексас, кои се борат со последиците од ледената бура „Ури“, пренесува deadline.com.

Бијонсе преку својот инстаграм – профил, каде ја следат 166 милиони луѓе, апелираше за помош на загрозените. Покрај тоа, таа ги покани погодените од невремето да се пријават на посебен линк за да им донираат потребните средства.

Повеќе од 40 лица го загубија животот во и по ледената бура што го погоди Тексас пред неколку дена. Неколку милиони луѓе во моментов живеат без лекови, храна, вода, струја и греење. Низ цела Америка се започнати бројни хуманитарни акции, а веќе се собрани стотици илјади долари за помош на загрозените.

Да потсетиме, ова не е прв пат Бијонсе да им помага на американците преку фондацијата „BeyGOOD“. Во текот на 2020 година, пејачката повеќепати донираше средства за набавка на храна, заштитни маски, средства за дезинфекција и лекови поради пандемијата на коронавирусот.

Покрај тоа, нејзината фондација распределила дополнителни 2,5 милиони наменети за помалите компании загрозени од пандемијата, како и 500 000 американски долари на семејствата кои морале да се иселат од изнајмените станови, бидејќи немале средства да платат кирија.