Македонската кошаркарска репрезентација ја победи Естонија (86-84), но со недоволна разлика за да обезбеди место на Евробаскетот закажан за наредната календарска година.

„Црвено-жолтите“ одново одиграа лошо прво и добро второ полувреме, меѓутоа за разлика од средбата со Италија овојпат тоа не беше доволно за да дојдеме до посакуваниот резултат кој ќе ни гарантира билет за собирот во 2022 година. Селекторот Александар Тодоров е разочаран што нема да играме на шампионатот, но истовремено е горд на оваа група на момци.

-Го загубивме натпреварот во првото полувреме, кога дозволивме многу отворени шутеви на противникот. Потоа се обидовме да направиме нешто како вчера, но тоа не беше доволно. Се обидовме да се избориме за продолжение, но Естонија очигледно ја прочита нашата идеја, па почнаа и намерно да промашуваат шутеви на крајот.

Ние сме единствениот тим во овие квалификации кој со две победи не оди на Евробаскетот. Лично, јас сум разочаран, но истовремено сум многу горд на оваа група момци бидејќи навистина успеавме да создадеме еден тим, но овој пат тоа не се покажа како доволно, -истакна Тодоров кој проговори и за Нено Димитријевиќ кој покрај повредата стисна заби и играше против Естонците.

–За мене не беше тешко да го ставам Нено во игра. Тоа беше единствената можна одлука. Благодарен сум му нему и на нашиот медицински персонал кој успеа да го оспособи колку што тоа е возможно Димитријевиќ да настапи на овој натпревар кој беше од огромна важност за нас.

-Само играчи кои се вистински патриоти и кои ја сакаат својата земја можат да го направат тоа. Тој се докажа и покажа дека е лидер на овој тим во следните 10 години. Го даде најдоброто од себе, со оглед на тешката повреда и играше со болки. Навистина сум му благодарен за неговата одлука, -заврши предводникот на македонската репрезентација.