Обединетата македонска дијаспора (ОМД), организација на македонските иселеници од САД, побара од некои американски технолошки компании како Нетфликс, Твитер, Амазон Прајм и Линкдин да го воведат и македонскиот јазик на нивните платформи.

– Вкупниот број на луѓе кои зборуваат македонски низ целиот свет се проценува дека е близу четири милиони. Тоа го потенцира постоењето на значаен пазар за големите брендови за стриминг и технологија – соопштија денеска од ОМД.

Организацијата вели дека Македонците иселеници се загрижени за тоа нивните потомци да не ја изгубат врската со мајчиниот јазик.

– А таа врска може да се зајакне преку секојдневни активности како дружење со популарните серии. Имајќи ја предвид големата побарувачка и пазар за нив, од суштинско значење е на сегашните и на идните говорители на македонскиот јазик да им се нудат услуги на нивниот мајчин јазик, исто како и понудата на другите јазици – велат од ОМД.

Од организацијата контактирале со некои платформи и сервиси, вклучувајќи ги Линкдин и Нетфликс, „за да дознаеме дали планираат да вклучат услуга за превод на македонски јазик како дел од нивните производи“.

-Тука има две клучни насоки: бизнис и забава. Можеби не треба да очекуваме дека Нетфликс или Амазон ќе понудат услуга за превод преку ноќ за сите наши омилени серии и филмови, но треба да има временска рамка за усвојување и тоа им го потенциравме – изјави Мишко Јосифов, член на УО на ОМД.

Линкдин, од друга страна, како и други технолошки платформи, го употребуваат стотици илјади Македонци ширум светот, укажуваат од ОМД. Велат дека усвојувањето е неконзистентно и дека треба да им е приоритет на македонските лидери да сите Македонци да имаат пристап до комерцијалните дигитални можности.

– Ако сме сериозни и се нафатиме да го направиме македонскиот јазик трговски и економски центар, тоа е процес што треба да работи и на двата начина. Луѓето треба да се разберат едни со други за да го заштитат македонскиот јазик, да ја прошират неговата употреба и да им овозможат на новите генерации да го научат.

Од ОМД велат дека на многумина во Македонија најлесно им е да гледаат емисии со англиски, хрватски или српски преводи. Иако некои емисии вклучуваат синхронизација, има јасен простор за проширување на користењето на македонскиот јазик