Светската трговија со стоки нагло се зголеми во последниот квартал на 2020 година, но трендот на раст покажува знаци на забавување, предупреди Светската трговска организација (СТО), нагласувајќи дека закрепнувањето зависи од ефекасната вакцинација против ковид-19.

Барометарот за стокова трговија на СТО стоеше на 103,9 поени во последните три месеци од минатата година, што е сигнал за континуирано закрепнување што започна во третиот квартал. Трендот на закрепнување на извозните налози и на трговијата со автомобили достигна врв и веќе покажува знаци на забавување, предупредува СТО.

– Трендовите генерално сугерираат дека порастот во трговијата наскоро може да достигне врв, ако тоа веќе не се случило, заклучи СТО.

Од таму, исто така, нагласуваат дека вкупната вредност на барометарот за стокова трговија не го одразува повторното ширење на ковид-19 и појавата на нови варијанти на вирусот, „што секако ќе влијае на трговијата со стоки во првиот квартал на 2021 година”.