Владата на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија ја прогласи 2021-та за година на Јозеф Бојс. Покровител на многубројните изложби, културни настани и публикации во негова чест е премиерот Армин Лашет, пишува Кица Колбе за Дојче веле.

Јозеф Бојс студираше и предаваше на академијата во Диселдорф, каде што почина 1986-тата. Роден е на 12 мај 1921-та во Крефелд. Неговата уметност провоцираше со парадоксалноста, со естетската и политичката критичност. Човекот чија цел беше да создаде нов, поширок поим на уметноста, беше харизматична личност. Противниците му префрлуваа дека се култивира во „гуру“, како што му се потсмеваа поради интересот за шаманизмот, за антропозофијата на Рудолф Штајнер. Бојс самиот вели дека од сето ова тој го избирал само тоа што му требало. Сепак, неговите блиски соработници сведочат дека трагал по мистични искуства, а некои сметаат дека живеел во два света, во видливиот и во невидливиот. Неговата личност остана до ден-денес загадочна и парадоксална, затоа што тој и самиот никогаш не се открива себеси во целост.

Министерството за култура на покраинската влада подготви вебстраница на која се претставени манифестациите во чест на Бојс. На страницата, обликувана речиси во боите на виножитото, постојано се менуваат негови мисли, кои така „спакувани“ делуваат како рекламни слогани. Сето тоа е тешко да се поврзе со славните инсталации на Бојс во кои колоритот беше скржав, речиси аскетски, најчесто црно-бел. За да можат да проговорат предметите со својот глас и со својата боја. Тактилноста, материјалноста, предметноста во делото кај Бојс е посилна од бојата.

Често се вклучуваше во политиката, застапувајќи се за директна демократија. Учествуваше во неколку протестни движења за демократија и мир, а против атомско наоружување. Притоа не криеше дека во младоста бил пламен застапник на националсоцијализмот. Шокот од кој произлезе сета негова уметност настапил по војната, во која учествувал како пилот. На почетокот на 50-тите, тој се соочува со вистината за Аушвиц. Уште 1956-тата се обидува тоа да го прикаже во уметнички чин, што не му успева. Кусо претходно го чита „Дневникот на Ана Франк“, по што кај него настапува долга криза. Многумина му префрлуваат и денес дека не се дистанцирал доволно јасно од своето националсоцијалистичко минато. Малкумина паметат дека Јозеф Бојс е еден од основачите на германската партија на „Зелените“, формирана 1980-тата. Бојс учествувал 1979-тата во изборната кампања за Европскиот парламент. Заедно со прочуениот Руди Дучке. Кандидатка за Европскиот парламент била харизматичната Петра Кели. Бојс ги направил првите плакати за „Зелените“. Притоа ја предложил својата кандидатура за парламентарните избори 1980-тата. Неговиот конкурент бил адвокатот Ото Шили. Партијата се одлучила за Шили, а Бојс веднаш ѝ свртил грб. Уверен бил дека „на природата, на растенијата, на животните треба да им се додели сопствен законски систем, за да имаат право самите да се застапуваат.“ Неговата идеја за правата на животните денес наидува на интерес кај многу филозофи. Пред четири децении тој веројатно ги шокирал „зелените“ сопартијци, велејќи дека „во неговата партија би имало многу животни“. Стварноста ја посведочи вистинитоста на неговата визија за природата. Токму затоа во центарот на јубилејната година се политичките идеи на Бојс и нивното значење за денешницата, особено со оглед на еколошката криза.

Политичката димензија беше отсекогаш неодвоива од творештвото на Јозеф Бојс, но тогаш малкумина беа свесни дека еколошката криза е една од главните политички теми на иднината. Како основач на партијата на „Зелените“, тој тврдел дека човек треба да работи нешто само „кога има чувство дека со тоа ќе предизвика револуција“. Од оваа негова мисла денес остана само прашањето: „Како се станува револуционер?“ Тоа ги дочекува посетителите на вебстраницата „Бојс 2021“. Актуелната творечка и интелектуална елита на Германија во оваа година се подготвува да стапи во дијалог со Јозеф Бојс за да го разбере односот на уметноста и политиката во своето време. Еден од форумите на тој дијалог ќе биде „привремената академија“ со име „пластична демократија“, која ќе се одржи на еден од плоштадите во Диселдорф. Идејата е таму студентите и младинците да дискутираат за актуелните политички проблеми на начинот на кој на времето тоа го правеше Бојс на јавните настапи.

Тогаш тој ја шокираше културната јавност велејќи дека „секој човек е уметник“. Веруваше дека диктатот на материјализмот во стопанството и во политиката може да го надмине само уметноста. Не како поединечно уметничко дело, туку како „социјална пластика“, како социјално творештво. Една година пред смртта 1986-тата, Бојс говореше за тоа на дискусија на која учествуваше и познатиот германски писател Михаел Енде. Во сето творештво на Бојс има централно место поимот на „зацелувањето“. Според него, светот е „болен“, затоа што природата е „ранета“ во потчинетоста на безмилосното трошење на нејзините потенцијали. Неопходна е промена на односот на човекот кон природата, за да може да започне процесот на нејзиното „зацелување”.

Причината за „ранетоста” на природата Бојс ја гледа во материјализмот на капиталистичкото стопанство. За него „капиталот“ на човештвото треба да стане уметноста. Тоа ќе се случи тогаш, кога ќе стане јасно дека „секој човек е уметник”. Со тоа тој не мисли дека секој може да пишува романи или да слика. Напротив, тој мисли дека секој човек е во состојбата да го сознае светот и да ги преобрази, затоа што секој може да учи од начинот на кој уметникот творечки го преобразува материјалот. Целта е општеството да стане „социјален организам“. Како одговор на тоа, Михаел Енде истакнува дека на тој чин мора да му претходи сознаен процес, затоа што социјалното прашање е прашање на свеста. За тој процес најнапред треба да се создадат слики кои ќе ја обликуваат новата свест. Нив ги нуди литературата, сликарството, музиката. За визијата на Бојс е потребно голем број луѓе во индустриските општества да посакаат поинаков однос кон природата, кон другиот човек, кон заедницата. А за да се случи тоа, според Михаел Енде најнапред треба да се создаде нова претстава за човекот, кој повеќе нема да му служи на материјализмот. Цената за егоизмот на модерните капиталистички општества ја плаќа природата, ја плаќа Третиот свет, истакнува Енде. Тоа што секоја година луѓето во африканските земји умираат од глад, не е затоа што тие не сакаат да работат, туку затоа што ним им остана за да се прехранат само една четвртина од обработливата почна.

Најголемиот дел го искористуваат развиените индустриски општества како извор на суровини за своето стопанство, вели тој. Од тоа станува јасно дека двајцата големи уметници и‘ служат на истата возија за едно солидарно општество, кое има емпатија и со животните и со сета природа. Бојс тоа го чини со иронично критичната уметност, која ја соголува илузијата и ја покажува „раната” на светот, на природата. А Енде со чудесниот свет на неговата фантазија од која се родија најубавите книги за деца. Стварноста овие денови ни покажува дека обајцата имаа право кога укажуваа дека мора да се смени односот на човекот кон природата, затоа што без тоа брзо ќе дојде до катастрофа која ќе го загрози сето човештво. Фактот што годината на Јозеф Бојс е и година на најголемата пандемија по војната, станува моќна метафора. И одеднаш ни се присторува дека сиот свет станал дел од гигантска инсталација на Јозеф Бојс…