Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ денеска постигнаа политички договор за воведување санкции за одговорните за затворањето и осудувањето на рускиот опозициски активист Алексеј Навални.

Санкциите треба да бидат изречени во март против одговорните за затворањето и осудата на Навални. По враќањето од Германија во Русија минатиот месец, Навални беше уапсен и осуден, што предизвика протести низ цела Русија, а властите одговорија со апсење на демонстрантите.

„Не сме задоволни со она што се случува во случајот Навални, но од друга страна е важно да имаме стратешки дијалог. Ова е т.н. двонасочен пристап што значи санкции од една страна, и оставање отворени комуникациски канали со Русија “, рече за медиумите хрватската министерка за надворешни работи Гордана Грлиќ Радман по состанокот.

Земјите-членки не се обединети околу Русија. Источните и балтичките земји бараат многу остар пристап кон Москва, од друга страна се Италија, Грција и Кипар кои се многу благи кон Русија, додека другите членки се некаде на средина помеѓу тие два пристапа.

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел рече дека ЕУ за прв пат ќе примени нова рамка за санкции против прекршителите на човековите права, воспоставена во декември минатата година по примерот на американскиот закон Магницки. Оваа рамка овозможува да се санкционираат физички и правни лица за кршење на човековите права насекаде во светот.