Ема Коронел Аjспуро, сопругата на поранешниот шеф на мексиканскиот нарко картел Хоакин Ел Чапо е уапсена во американската држава Вирџинија под обвинение за трговија со дрога, соопшти Министерството за правда на САД

Ајспуро (31) има американско-мексиканско државјанство и е обвинета за шверц на кокаин, метамфетамин, хероин и марихуана во САД.

Судските документи наведуваат дека таа во 2015 година му помогнала на Гузман, кој 25 години беше водач на нарко картелот „Синалоа“, во бегството од мексиканскиот затвор „Алтиплано“.

Американските власти истакнуваат дека таа го испланирала и новото бекство на Гузман од затвор, откако тој повторно беше уапсен во 2016 година.

Тој моментално е во затвор со максимално обезбедување во американската држава Колорадо.

Во февруари 2019 година, поротата го прогласи Гузман за виновен по сите десет точки од обвинението, вклучувајќи учество во криминална организација, производство и меѓународна дистрибуција на кокаин и хероин, перење пари и употреба на огнено оружје.

Тој беше екстрадиран во САД на почетокот на 2017 година за да се соочи со обвиненијата. Како дел од договорот за екстрадиција со Мексико, САД ја отфрлија можноста за смртна казна.