Планетарно познатиот актер Џорџ Клуни, за новиот број на списанието „W Magazine“ открил што прави кога е дома со децата и сопругата, пренесува „CNN“.

Тој се пошегувал дека за време на карантинските денови станал мајстор на многу занаети.

„Ќе ви кажам нешто за моите нови хобија. Ќе вклучам две-три машини за перење алишта дневно, а мијам чинии по цел ден затоа што децата се мали прасиња“, изјавил Клуни низ насмевка.

„А, децата одвреме-навреме мора да ги искапете. Дури и го потстрижив својот син, но тоа испадна многу лошо. Сепак, нему косата брзо ќе му порасне. Мислам, јас и самиот себеси се потстрижувам. Но, не сум се осмелил да ја потстрижам ќерка ми затоа што тогаш би влегол во неволја. Имено, сопругата ми кажа дека ќе ме убие доколку ја пипнам прекрасната долга коса на нашата ќерка“, се исповедал холивудскиот актер кој што со сопругата Амал ги имаат тригодишните близнаци Ела и Александар.

Клуни открил и неколку совети кои што се однесуваат на консумирањето алкохолни пијалаци.

„Мојата тетка Роузмари одамна ми кажа никогаш да не мешам житарки и грозје. Значи, текила и вино никогаш не одат заедно. Исто така не треба да се пие вотка со шампањ. Ние од Кентаки тоа многу рано го научивме“, порачал актерот.

Минатата година Клуни го снимаше филмот „The Midnight Sky“ чија тема е глобалната апокалипса.

„Кога ни се случи Ковид-19, овој филм кој што зборува за глобална апокалипса стана релевантен на целосно нов начин. Првобитно тоа беше приказна за жалење за пропуштени шанси и барање своевидна прошка, но со почетокот на пандемијата филмот можеше да се протолкува поразлично – зборува за нашата неспособност да бидеме дома и да ги прегрнеме нашите сакани“, изјавил Клуни за филмот кој што самиот тој го режираше и во кој воедно ја има главната улога.