Најмалку 20 лица загинаа, а 30 се повредени вечерва во експлозија на автомобил-бомба пред ресторан во близина на пристаништето во сомалискиот главен град Могадишу, соопштија здравствените власти.

Очевидци за сомалиските државни медиуми изјавиле дека по експлозијата се слушнале истрели, објави Ројтерс.

„Досега имаме 20 мртви и 30 ранети на местото на експлозијата“, изјави за Ројтерс претставник на сомалиската служба за брза помош.

Досега никој не ја презел одговорноста за нападот.

Сомалиското државно радио Могадишу објави дека имало „загуби на живот“, повредени и уништување на имоти, а полицијата ја оградила областа.