Барселона веднаш го заборави поразот од Валенсија во претходното коло на Примера и извојува сигурна победа од 2-1 против Леванте, во последниот натпревар од 22. коло на шпанскиот шампионат.

Кике Сетиен на терен истрча со речиси идентичен состав како на Куп-натпреварот против Леганес, кој заврши со победа на неговите момци од 5-0. Единствена новина беше Иван Ракитиќ на местото на Алекс Видал, а од првата минута повторно шанса доби младиот Ансу Фати, како поддршка во офанзивата на Гризман и Меси.

Токму 17-годишниот голем талент беше херојот на Барса на овој натпревар, затоа што кога беше најпотребно со два гола за само една минута ѝ обезбеди позитива на својата екипа по првото полувреме.

По мирниот старт и двете полушанси на Меси, во 30. минута Фати доби фантастична топка во празно од својот капитен и истата ја претвори во предност на Барса од 1-0. Леванте само што тргна од центарот, по нова асистенција на Меси, шпанскиот репрезентативец повторно се најде на вистинско место и со прецизен удар го одведе шампионот во комотни 2-0 на полувреме.

Во вториот дел Барса продолжи во свој стил, мудро и трпеливо ја чуваше топката во своите нозе, но не успеа да креира некоја посериозна шанса за нов погодок, додека во самиот финиш од натпреварот Леванте успеа да го ублажи поразот, откако Рочина со удар од далечина и со помош на Тер-Штеген се запиша во листата на стрелците и го постави конечните 2-1.

Македонскиот репрезентативец Енис Барди натпреварот на „Камп Ноу“ го започна од клупата за резерви и шанса за докажување доби во последните десет минути.