„Албански шенген“ не може да постои без „балкански шенген“, истакна албанскиот премиер Еди Рама, по средбата со новиот косовски премиер Аљбин Курти.

Ставот на Курти, меѓутоа, е дека е поважен „шенгенот“ меѓу Албанија и Косово од „мини-шенгенот“.

Рама на конференција за новинрите по средбата со новиот косовски премиер се заложи за „мини-шенген“ на западен Балкан, иницијативата на Србија, Албанија и Македонија.

Курти, како што пренесува приштинска Коха диторе, сака „албански шенген“ и кажа дека денешната средба повеќе била посветена на „макро албанскиот шенген“ отколку на мини балканскиот шенген“.

Рама се заложи за усогласување и интеракција на Тирана и Приштина во врска со Берлинскиот процес. „Со нашата интеракција имаме пат кој беше затворен сите овие години до заедничкиот простор меѓу двете држави, слободно движење и тоа не само на стока. До вчера тоа не можеше да се замисли, а причин за тоа не беше само Србија“, кажа тој.

Рама кажа дека ни Србија, ни други земји не можат да се противат на отстранувањето на границата меѓу Албанија и Косово.

Ова беше прво заминување на Курти надвор од косовската територија од преземањето на должноста премиер на Косово на почетокот на месецов.