Експлозивната направа која предизвикала пожар била активирана синоќа околу 19 часот. Од пламените јазици бил оштетен автомобилот на обвинителката, кој бил паркиран во помошната просторија

Основното јавно обвинителство Кичево со екипа од Министерството за внатрешни работи изврши увид на местото на настанот. Издадени се наредби за подигање примероци од експлозивната материја која е предадена на вештачење. Обвинителството врши проверка и на видео записите од камери поставени на околните објекти. Се преземаат дејствија во континуитет за целосно расчистување на настанот и пронаоѓање на сторителот, соопштија од Јавното обвинителство.

Наши информации говорат дека се работи за обвинителката Виолета Стојаноскa со која не успеавме да стапиме во контакт. Нејзиниот автомобил марка Сеат Леон и претходно бил на мета на напаѓачи. На возилото пред околу еден месец со нож му биле пресечни гумите.

Од Кичевското обвинителство, велат дека истрагата е во тек и не можат да дадат поконкретни информации за случајот.

И од полицијата добивме сличен одговор, дека се работи на целосно расветлување на настанот на основа на прибраните докази и увидот извршен на лице место.

Обвинителите коментираат дека притисоци кон нив има. Раскажуваат за случаеви кога странките најчесто кои се обвинети им се закануваат низ ходниците во самити судови.

Пред околу две години беше опожарено и возило на јавен обвинител од Охрид, кое било паркирано во стариот дел на градот.